„Од исто тесто“ од Бранко Цветкоски преведена на бугарски јазик

Најновата поетска книга „Од исто тесто“ од Бранко Цветкоски е објавена на бугарски јазик во издание на „Захариј Стојанов“. Препевот од македонски јазик на бугарски го направи поетесата Роза Бојанова. Песните од книгата се настанати во последните четири години и според издавачот, ја претставуваат најзрелата поетска фаза на Цветкоски, кој низ гласот на вечно зачудениот творец ја воспева онтологијата на смртта како дел од филозофијата на човековото постоење.

Бранко Цветкоски е автор на 26 книги поезија, критика и есеистика и публицистика. Во 2014 година беа отпечатени неговите „Избрани дела“ во шест тома. Објавил над 30 преведени и препеани книги од видни балкански, европски и светски поети, прозаисти и публицисти, главно репрезенти на словенските литаратури. Одделни поетски книги или избори од поетското творешетво на Цветкоски се преведени и објавени на 18 светски јазици.

Добитник на 19 високи македонски и меѓународни литературни награди и признанија како и на Државната награда „Свети Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста од интерес за Република Македонија, во 2009 година. Член е на Македонскиот ПЕН центар, на Друштвото на писателите на Македонија, на Словенската литературна и уметничка акaдемија со седиште во Варна (Бугарија) и нејзин коoрдинатор за Македонија и почесен член на Сојузот на бугарските писатели. Еден е од основачите на Балканската книжевна фондација „Балканика“, основач на издавачката куќа „Макавеј“ и на списанието „Книжевно житие“.

Сподели