Од фестивалот „Прво па женско“ револтирани на малата поддршка што ја добиле од Министерството за култура

И покрај декларираните стратешки „заложби“ на Министерството за култура за унапредување на родовата еднаквост преку програмата за интердисциплинарни проекти која треба да опфаќа проекти во кои се директно вклучени и родовите политики и родовите принципи, „Прво па женско“ – единствениот меѓународен интердисциплинарен фестивал во земјата кој ја промовира феминистичката култура и активизам, годинава повторно доби срамно намален износ на доделени средства. И оваа година Фестивалот беше практично казнет со тоа што Министерството додели 50% помалку од минатогодишната поддршка, и 85% помалку од побараната финансиска поддршка за реализација на 12. издание на Фестивалот.

-„Прво па женско“ е локално признаен и особено популарен, и меѓународно препознаен фестивал кој успеа да опстои, постојано развивајќи се и добивајќи на легитимитет, цели 12 години. И покрај оневозможувачкиот локален општествен и културен контекст, тој успева да остане отворен простор за презентација, размена на знаења и меѓународно вмрежување на уметници и културни работнички кои ја промислуваат и застапуваат родовата еднаквост и негува култура на солидарност, видливост на маргинализираните луѓе и теми, како и развивање на нови модели на јавни простори и културни содржини, кои одговараат на потребите на современата културно-уметничка сцена и во поширок контекст се општествено релевантни за заедницата, како што впрочем застапува и новата стратешка цел на Министрството. „Прво па женско“ секоја година е посетен од бројна публика која го препознава фестивалот како релевантен и важен настан на ова поднебје – велат од „Тииит. Инк“.

Со ваквата одлука на комисијата во областа на интердисциплинарни дејности, се омаловажува релевантноста и – клучно – се доведува во прашање одржливоста на Фестивалот. Така директно се оневозможува развојот на содржини кои информирано и артикулирано ги проблематизираат родовите прашања, како и развојот на разновидна современа културно-уметничка програма и градењето публика сензибилизирана за критичко промислување на културата и општеството воопшто, додаваат тие.

-Како релевантни чинители на независната културна сцена дополнително сме револтирани зашто во повеќето дејности, а особено во категоријата на интердисциплинарни дејности – категорија која беше создадена во 2017 година за здруженијата на граѓани од независниот културен сектор! – меѓу поддржаните проекти доминираат оние на правни субјекти кои се регистрирани како профитно ориентирани фирми (ДООЕЛ) и тоа со доделени највисок износ на средства. Фрапирани сме од кратењето на средствата или целосното изоставање на поединци и програми кои со децении се столб на современата култура и имаат меѓународна препознаеност и валоризација, за сметка на фаворизирањето на сосема неафирмирани поединци и новоформирани организации кои добија изненадувачки голема финансиска поддршка, некои дури и за комерцијални проекти кои не ни припаѓаат во полето на културата.
Тие барааат јавно да се елаборираат одлуките на одлучувачките тела и нови резултати.

Сподели