Изложба на фотографии: Очите на поинаквите, убави луѓе

„Денес изгледаш убаво!“ е насловот на изложбата на фотографии што вчера беше отворена во „Ист гејт мол“, по повод Меѓународниот ден на човековите права. Авторка на фотографиите е Татјана Ранташа, а дизајнот го изработи Зоран Кардула. Изложбата се фокусира на очите на 12 портретирани луѓе од нашето секојдневие кои дејствуваат како двигатели на промените, дали поради начинот на кој се родиле или поради начинот на кој тие избрале да го живеат својот живот.

– Тие се студенти, сопственици на кафулиња, антрополози, кандидати за докторанди, пијанисти, вработени, членови на семејство и пред сè – сите се луѓе и се еднакви. Извонредни личности, секојдневни херои и инспиративни активисти за промени – луѓе кои секојдневно се борат за своите права и за правата на другите. Со ставање на нивните очи во центарот на вниманието, изложбата не само што ја истакнува нивната убавина туку има и намера да го прикаже светот од нивна перспектива – велат организаторите.

Со изложбата Делегацијата на Европската Унија и Europe House Skopje го одбележаа Меѓународниот ден на човековите права. Целта е да се промовира основната вредност на почитувањето на човековите права и повикува на прифаќање на разликите како клуч за постигнување еднаков третман.

Насловна фотографија: Татјана Ранташа и Зоран Кардула

Сподели