Објавена стихозбирката „Тајнописец“ од Верица Мукоска

Од печат излезе стихозбирката „Тајнописец“ на младата писателка Верица Мукоска, во издание на „Современост“ од Скопје. Автор на рецензијата е Васил Тоциновски, кој вели дека уводните стихови извонредно децидно ја наметнуваат атмосферата како стожер во автохтоноста на поетиката на Мукоска во која се бараат и пронаоѓаат одговори на тајните, дилемите и недоумиците во посакуваната ноќ која пламти во несоница.

– Нештата како да се случиле пред сонот/сонувањето, та разбирливо на сите страни владее тишина. Тоа е оној миг кога одненадеж или поточно магично се обединиле времето и просторот – вели тој.

Верица Мукоска (1999) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на Катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности од каде продолжи и втор циклус студии по Македонска книжевност. Првите стихови започнала да ги пишува уште во детските денови, а во 2009 година ја објавила првата стихозбирка за деца „Стихови од срцето на природата“. Романот „Дневникот на длабоките тајни“ е нејзино прво прозно дело, а „Равенка на стравот“ е нејзиниот најнов роман што се промовираше на минатогодишниот Саем на книга. „Тајнописец“ е нејзината најнова стихозбирка во издание на „Современост“ – Скопје. Уредничка е на најстарото списание за литература, култура и уметност „Современост“. Активно соработува со Катедрата за Македонска книжевност и култура каде одржува вежби по неколку предмети. Нејзини текстови и песни се објавувани во македонски и странски литературни списанија.

Сподели