Од печат излезе поетската книга „Орфејска година“ од истакнатиот поет, раскажувач, романсиер, сценарист и книжевен преведувач, Јован Стрезовски. Книгата е издание на „Панили“. Во песните, Стрезовски со продлабочен и концизен израз проникнува во тајните пори на животот. Низ филозофски реминисценции пее за опстојувањето, исчезнувањето и обновувањето, посебно нагласувајќи ги дилемите за животниот круг во кој ништо не е конечно.
– Стиховите на Стрезовски произлегуваат од долгата кристализација на поетскиот израз и облик и на суштествен начин ги спојуваат пеењето и мислењето. Тоа згуснато јадро доаѓа од големото поетско искуство на авторот. Неговиот пев е метафоричен и јадровит, со длабоко промислен исказ и со лирска плавност – вели рецензентот на книгата, поетот и книжевен критичар Раде Силјан.
Стрезовски е автор е на поголем број поетски книги, збирки раскази, романи, книги за деца и млади, сценарија и драми. Негови дела се преведени на неколку странски јазици. Застапен е во повеќе прозни и поетски антологии објавени кај нас и во странство. Добитник е на поголем број награди, меѓу кои и: „11 Октомври“ за романот „Вода“ (1972), „Стале Попов“ за романот „Свето проклето“ (1978) и за расказите „Чувар на тајни“ (2020), „Гоцева повелба“ за творечки опус (1991), „Книжевно жезло“ на Друштвото на писателите на Македонија (2006) и „Ацо Шопов“ за поетската книга „Слоеви“ (2010). „Орфејска градина“ на Стрезовски е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“, како и преку е-книжарницата.





