Во издание на Институтот за национална историја, објавена е монографијата „Драган Богдановски – живот и дело (1929 – 1998)“ од проф. д-р Марјан Иваноски. Монографијата прави осврт на животот и дејноста на Драган Богдановски, личност која со својата повеќедецениска политичка активност меѓу емиграцијата несомнено оставила силен печат како меѓу бројната македонска емиграција во светот така и во Република Македонија.
„Иако Богдановски бил еден од најактивните македонски политички емигранти по 1945 година и со години се наоѓал на челните позиции во македонските емигрантски организации, сепак, македонската историографија не посветила доволно внимание за истражување на неговиот лик и дело, но и на македонската политичка емиграција во целина. Досега, нема ниту една монографија од македонски историчар посветена на Драган Богдановски.“, пишува Иваноски.
Преку оваа монографија читателот може подетално да се запознае со делувањето на македонските политички емигрантски организации во Западна Европа и прекуокеанските земји како што биле Македонскиот национален фронт, Македонскиот национален комитет, Македонското културно здружение „Јане Сандански“, Ослободителниот комитет на Македонија кој неколкупати го менувал своето име и тоа прво во Движење за обединување на Македонија, потоа во Движење за ослободување и обединување на Македонија и на крај во Народноослободителен фронт на Македонија, организација која згаснува со почетоците на плурализмот во Република Македонија. Исто така опишано е и создавањето на ВМРО-ДПМНЕ која е една од највлијателните политички партии во самостојна Република Македонија, односно улогата во креирањето на истата од страна на Драган Богдановски и македонската политичка емигрција.
„И покрај обемноста и комплексноста на темата, во трудот што го обработуваме направен е напор да се истражат поважните аспекти од животот и дејноста на Драган Богдановски, притоа не навлегувајќи во детали од поединости кои можат да претставуваат посебна тема за проучување и обработка.“, потенцира Иваноски.





