Објавен романот „Фобос“, дебитантско дело на Соња Станковска

Од печат излезе романот „Фобос“, дебитантско дело на Соња Станковска, во издание на издавачката куќа „Или-Или“ од Скопје. Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА како 240 книга а во оваа едиција досега се објавени и многу други дебитантски книги на сега веќе етаблирани македонски автори.

За романот, писателката Фросина Пармаковска вели:
– „Фобос“ е уникатен пример на колажиран, нелинеарен и мошне комплексен хибриден текст кој умешно ги поставува едни од најзначајните прашања за човекот и за светот: каде бевме, каде сме и каде одиме. Исклучително креативно и храбро, ова четиво нуди цел спектар од приказни кои се суштински, егзистенцијални и актуелни, а истовремено бескрајно духовити и игриви. Да се влезе во светот на „Фобос“ е како да се тргне на патување без безбедносен појас кое никако не знаете каде ќе ве одведе – иднината е само една од варијантите на минатото, а човекот има бескрајни можности да биде, да постои во еден од световите што ги има до недоглед или, пак, во сите нив, во некое алтернативно време.

Соња Станковска (1977, Охрид) е архитект и дизајнер, но во основа раскажувач на приказни, без разлика на медиумот што го користи. „Фобос“ е нејзина прва објавена книга.

Сподели