Три играни и два документарни филма ќе бидат прикажани во рамките на „Неделата на романски филм“ што ќе се одржи од денеска до 18 октомври. Романската кинематографија доживеа вистински подем во последните две децении, со т.н „нов романски бран“ како водечко движење кое внесе свежина и оригиналност на европската филмска сцена и филмови кои се карактеризираат со минималистички пристап, документарен стил, социјално-политички теми и силна критика на посткомунистичкото општество. Режисерите како Кристи Пују, Кристијан Мунџиу, Корнелиу Порумбоју и Раду Жуде успеаја да ја постават Романија на мапата на светската кинематографија преку своите реалистични и интензивни филмови.
Новиот романски филм не само што ја отвори вратата за нови таленти во Романија, туку и остави траен впечаток на светската сцена. Филмовите добиваат признанија на најголемите светски фестивали, како Кан и Берлин, а режисерите стануваат почитувани автори надвор од границите на нивната земја. Овој своевиден филмски бран претставува пример за тоа како една мала, но посветена филмска индустрија може да го освои светот преку силни приказни и уникатен визуелен јазик.
Циклусот на романски филмови за 2024 година во Кинотеката ги претставува најновите достигнувања на романската кинематографија, нагласувајќи ја нејзината креативна разновидност и актуелните општествени теми. Со избор на интензивни и инспиративни наслови, овој циклус поттикнува важни разговори и овозможува длабинско запознавање со романската култура и проблематика.
Ревијата ќе започне вечерва во 20 часот со „Дете од војна“ во режија на Мариан Кришан – нетипична мешавина од жанрови како историски и воен филм, вестерн, но и детска авантура. Улогите ги толкуваат: Даниел Балис, Реџиналд Амонс, Едуард Адам.
Романија 1944-та. Втората светска војна е при крај. Тинејџерот Нику е многу приврзан за двата коња на неговото семејство. Осиромашената романска армија планира да ги заплени имотите на цивилите за да го обезбеди својот опстанок за време на војната. Двата коња може да бидат одземени. Тоа го принудува Нику да започне опаснo патување во планините за да ги спаси.
Мариан Кришан е еминентнен романски синеаст познат по филмовите Морген (2010), Рокер (2012), Хоризонт (2015) и Кампањата (2020).
Повеќе за филмската програма во наредните денови, на следниот ЛИНК.