Со Албанија заедно трасираме пат кон Европската Унија и тој пат е во спротивна насока од овој стар и дотраен пат по кој врви новинарот на Top Channel Albania, вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска
„Каде исчезнаа седумте дардански табли во Македонија“ е насловот на емисијата на каналот Top Channel во Албанија, поттикнат од медиумскиот метеж во Македонија што го предизвика плоча со епиграфски натпис, пронајдена како реупотребен материјал на источната некропола на античкиот град Скупи каде се во тек заштитни археолошки ископувања. Новинарот од Албанија, во потрага по илирска култура во Македонија ги посетил Музејот во Куманово и Лапидариумот во Куршумли ан во Скопје, а целиот контекст на емисијата е дека македонските институции ги кријат материјалните остатоци од илирската култура пронајдени на територијата на денешна Македонија. Умно.мк се обрати до Министерството за култура и музеите во Скопје и Куманово да дадат свој став за случајот.

Археологот Дејан Ѓорѓиевски / Фото: Принтскрин
Новинарите од Албанија во кумановскиот Музеј се претставиле како туристи. Археологот Дејан Ѓорѓиевски, виш кустос во музејот случајно се нашол во делот на археолошката поставката кога „туристите“ почнале на водичот низ поставката да му поставуваат наведувачки прашања. Разговорите се снимани кришум, со мобилен телефон и во емисијата се прикажани како „андеркавер“ новинарство.
– Тоа делува многу сензационалистички. Ние секогаш сме отворени за јавноста. И да се претставеа како новинарска екипа, ќе ги прошетавме низ поставката и ќе им одговорев исто на сите прашања пред камера. Се претставија како туристи и инсистираа да ја видат поставката за илирската култура во музејот. Јас љубезно им одговорив дека ние во поставките изложуваме периоди, а не култури. Сето тоа го поврзаа со плочата која одамна е изложена во дворот, на која се спомнува Дарданија. Археологот проф. Борка Јосифовска ја има објавено како научен труд, и веројатно се работи за патоказ или граничен камен меѓу римските провинции Македонија Секунда и Дарданија – вели Ѓорѓиевски.

Плочата која со години е изложена со останатата камена пластика во Музејот во Куманово
Славица Бабамова: Изјавите се извадени од контекст
Д-р Славица Бабамова, директорка на Археолошкиот музеј во емисијата ја придружува екипата во Лапидариумот, сместен во Кулшумли ан во Старата скопска чаршија. Според Бабамова, Лапидариумот повеќе години не е отворен за јавноста, зашто веќе десетина години се чека да почне конзервацијата на Кулршумли ан, што е обврска на моменталниот корисник на објектот – турскиот Институт „Јунус Емре“. Затоа голем дел од камената пластика е завиткана во ќеси. Бабамова тврди дека нејзините изјави во емисијата се извадени од контекст и дека тоа е направено тенденциозно.
– Од која причина и со која цел, знае само нејзиниот автор. Изнесени се паушални согледувања, со однапред спремни ставови, употребена е погрешна научна терминологија. Мојата изјава е скратена, но не е употребена во позитивна насока, како одговор на поставените прашања, туку се користи како доказ за веќе изградено мислење за тоа што е тема на емисијата – децидна е Бабамова.

Д-р Славица Бабамова / Фото: Археолошки музеј на РСМ
На прашањето зошто камените споменици во Лапидариумот, кои се дел поставката на камени споменици во Археолошкиот музеј, до денес не се изложени за јавноста, Бабамова објаснува дека состојбата е прилично комплицирана. Според Законот, Археолошкиот музеј има надлежност врз движното културно наследство, во случајов збирката Епиграфика и камена пластика, која е собирана и сместена во Куршумли ан уште од 1924 година.
– Камените споменици се чуваат според стандардите кои ги побарува збирка од ваков вид и условите кои ги пружа објектот. Објектот Куршумли ан како недвижно културно наследство (минатата година прогласен за културно наследство од особено значење) не спаѓа во надлежностите на нашата установа, па затоа при секоја забележителна промена на неговата состојба го информираме Конзерваторскиот центар од Скопје, чии екипи вршат увиди во состојбата и ја известуваат Управата за заштита на културно наследство. Во 2013 година е донесен Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција за основање и за активностите на културните центри. Во 2016 година главната зграда од Куршумли ан се дава на користење на турската држава, поточно на турскиот Институт „Јунус Емре“, а коњушницата на анот му е доделена на трајно користење на Археолошкиот музеј. Од снимките се гледа дека одржувањето на просторот во делот од објектот кој го користи Археолошкиот музеј е во задоволителна состојба. Не би можела да ја коментирам состојбата со ќелиите во главната зграда на анот и на првиот кат, бидејќи со тој простор располага и го користи друг правен субјект – објаснува Бабамова.

Куршумли ан / Фото: Принтскрин
Таа додава, со оглед на тоа дека во споменатиот Договор турската страна презела обврска да го конзервира и реставрира целиот објект, кој во моментов не е во добра состојба, нова поставка на камените споменици ќе се реализира по завршувањето на овие зафати.
– Од 2017 година во рамките на годишните програми за работа на Археолошкиот музеј поддржани од Министерството за култура, се изработува документација и тековно одржување на збирките како неопходен предуслов за секоја постојана музејска поставка – вели Бабамова.
Дарданус, личното име на најмладиот син на Епикратес
Бабамова е доктор по класични историски науки. На прашањето што пишува на плочата пронајдена на Скупи, на која зборот „дарданус“ привлече толкаво внимание, Бабамова одговара:

Плочата пронајдена на Скупи
– Дарданус е личното име на најмладиот син на Епикратес, покојникот за кој надгробен споменик подигнале неговата сопруга и трите сина. Името е ретко и на територијата на Македонија до сега е документирано уште на една стела од село Мирковци, објавена во корпусот натписи од провинцијата Горна Мезија од проф. Борка Јосифовска. Стелата е изработена во 2 век, време кога во сите провинции на Римската Империја населението било изложено на многу изразени меѓусебни влијанија, а движењата на луѓето, особено на војниците и ветераните, биле нормална појава. Тоа е главната специфика на овој историски период во Европа и на Медитеранот, па така името Дарданус се среќава и во провинција Африка Проконзуларис, денешен Тунис, и во провинција Британија, денешно Обединето Кралство – вели Бабамова.
Коментирајќи ја емисијата на новинарската екипа од Албанија, од нашето Министерство за култура велат дека археологијата е наука која исклучува импровизации, како и манипулации со неа.

Бисера Костадиновска-Стојчевска / Фото: Министерство за култура
– Заштитата на археолошките пронаоѓалишта е работа на стручни и компетентни лица кои научно го аргументираат секое откритие во земјава која била крстопат на бројни цивилизации. Таканаречените аргументи на новинарот, кој десетина години „произведува емисии“ дека Охрид, Преспа, Дебар, Река, Тетово, еве сега и Скупи, не се македонски, можат да отворат и понаков поглед на неговите „тврдења“. Со Албанија заедно трасираме пат кон Европската Унија и тој пат е во спротивна насока од овој стар и дотраен пат по кој врви новинарот на Top Channel Albania. Ќе повторам. Со Република Албанија создаваме нови вредности низ отворено пријателство. Тоа не ни дава за право да се мешаме во нашите национални истории и во поткопување на нашите идентитети. Земјите на Балканот, а особено граѓаните, веќе ја „прочитаа“ позадината на ваквите „емисии“. Политизирањето на културното наследство е искривување на фактите за минатото. Археолошките локалитети не се политички ринг – вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
На прашањето како ќе реагира Министерството за култура, дали се планира некаква протестна нота, Костадиновска-Стојчевска вели:
– Ние ја почитуваме слободата на медиумите, но има информации кои кога преминуваат во „лажни вести“ изнудуваат реакции. Протестните ноти, честопати не се соодветниот одговор. Но, и не се исклучени.





