„Нови хоризонти“ – пионерско списание на УКЛО за студентски истражувања

Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола вчера го промовира првиот број на  „Нови хоризонти“ – списание за студентски истражувања. Исто така беше промовиран и Зборникот на трудови од Студентската универзитетска конференција На промоцијата, главниот и одговорен уредник на научното списание „Нови хоризонти“, проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ од име на ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и раководството на УКЛО го изрази задоволството дека списанието „Нови хоризонти“ е прво од ваков вид во Македонија и на УКЛО му причинува гордост.

Првиот број на списанието вклучува шест истражувачки труда од различни дисциплини, чии автори се студенти од УКЛО, во соработка со нивните ментори. Истражувачките трудови се избрани како најквалитетни  и третираат разнообразни теми, од урбан развој и медицина до лингвистика и технологија.

Посебно е нагласено дека „Нови хоризонти“ како специјализирано списание за студентски истражувања со својата уникатност и посебност засега е единствена публикација во Северна Македонија посветена на студентските истражувања и има пионерска амбиција во промовирањето и афирмирањето на студентското истражување.

Проректорот Илиќ, нагласувајќи ја поддршката од раководниот тим на УКЛО, истакна дека ќе започне постапка за индексирање на „Нови хоризонти“ во почитувани бази на податоци, кои што индексираат академски или научни списанија, со што ќе се отворат можности да стане сериозно и престижно списание кое ќе привлече и студенти од странство.

На промоцијата на „Нови хризонти“ беше претставен и Зборникот на студентски трудови од одржаната Универзитетска студентска конференција, активност што ја раководи проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска. Таа изрази голема почит и до менторите, кои со големо внимание и посветеност ги воделе и инспирирале студентите на истражувачкиот пат.

-„Нови хоризонти“ вклучува два студентски труда од УСК во 2022 и четири труда од Универзитетската конференција во 2023. Сите други трудови во следниот период ќе бидат афирмирани со издавање на уште еден Зборник на апстракти од студентската конференција во 2022 и Зборник на постери од двете студентски конференции, со единствена цел, ниту еден од студентите да не се почувствува изоставен, ниту еден труд да не биде изоставен во мемоарите на УКЛО и во колекцијата на универзитетските изданија – вели Буневска-Талевска.

Во рамки на настанот, проректорката најави дека следната, трета Универзитетска студентска конференција, што ќе се одржи во декември 2024 годинава и ќе биде под знамето на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС и во неа ќе може да се вклучат  студенти од сите девет универзитети во рамките на Алијансата.

Промоцијата на првиот број на „Нови хоризонти“ се одржа во знакот на големиот и сериозен исчекор содржан во предговорот на првото списание за студентски истражувања дека со „Нови хоризонти“ започнува нова авантура во научно-истражувачка дејност, предводена од студентите на УКЛО.

Сподели