Нова уметничка група на македонската сцена: ТРИ, божествениот број што ќе го разбуди поединецот

Страхил Петровски, Лазе Трипков и Ангел Коруновски неодамна ја оформија уметничката група ТРИ и на 17 февруари во 19 часот во Младинскиот културен центар во Скопје ќе ја отворат и својата прва изложба, токму под насловот „Зошто не сега?“

„Зошто не сега?“ Ова прашање го поставуваат тројцата афирмирани мултимедијални визуелни уметници, кои покрај личните успешни кариери решија да делуваат и на едно поинакво ниво. Во група. Страхил Петровски, Лазе Трипков и  Ангел Коруновски неодамна ја оформија уметничката група ТРИ и на 17 февруари во 19 часот во Младинскиот културен центар во Скопје ќе ја отворат и својата прва изложба, токму под насловот „Зошто не сега?“. А зошто сега решија да се обединат, која е целта на ова заедничко патешествие, одговараат тројцата уметници за Умно.мк.

Тројцата уметници на дело

Уметнички групи отсекогаш постоеле, и во светот и на нашето поднебје. Македонската ликовна уметност ја одбележале групите Денес, Мугри, Јефимија, ВДИСТ, 77, Зеро… Според Петровски, уметничките групи, колективи оставаат траен белег на уметничката сцена и се многу важни за уметничка, визуелна смисла.

– Но, и активистички, па и идеолошки, во однос на сето она што ние како уметници го доживуваме, преживуваме во услови каде уметностите доживуваат тотална деградација во општеството. Во едно современие, каде политиката го зема приматот пред што било друго! Да не заборавиме дека уметноста, културата генерално, е лична карта на една држава, на едно општество и не смее да се дозволи таа постојано да трпи и да се става на маргините, особено уметниците. Со нашата уметничка група се надевам дека ќе поттикнеме и други автори, особено младите генерации да го следат нашиот пример и да делуваат општествено, да ја негуваат културата и уметноста, како столб во една држава – вели Петровски.

Страхил Петровски

Сите тројца автори имаат специфичен авторски изрази, не само во стилот туку и во медиумите во кои работат. Логично се наметнува прашањето каде се обединиле? Трипков вели дека многумина им го поставуваат токму тоа прашање и во тоа лежи и суштината.

– Ние се дружиме интензивно еден извесен период, креираме, создаваме еден за друг, еден со друг. Така да групата дојде сосема спонтано и природно. Потребата да се надополниме, е движечка сила. Со Страхил веќе подолго време соработуваме, а со Ангел природно се споивме, тој беше третата алка која недостасуваше да се комплетира нашиот креативен синџир. Секој од нас носи нешто уникатно во процесот – различен пристап, различна енергија, но заедно креираме една хармонична целина. Нашите разлики нè обединуваат, постојано учиме, се инспирираме и растеме како уметници. Она што нè спојува е токму желбата да се надминеме себеси, да откриваме нови изразни можности и да ја прошириме границата на тоа што го сметаме за можно или невозможно во уметноста – вели Трипков.

Лазе Трипков

Зошто токму ТРИ и каква порака носи ова име, во општество со корупција и нарушени вредности, може ли уметноста да биде мевлем за длабоките рани? Коруновски вели дека божествениот број, како што многумина го нарекуваат, иницира хармонија, мудрост и разбирање.

– Бројот 3 поттикнува креативност, нов живот, создавање и потполност, нешто кое во целост му претставува туѓо тело на современото битисување. Групата ТРИ е втемелена на три вредности – педантност изразена преку прочистено поедноставени креации кои стремат кон совршеност кај Лазе Трипков. Хармонијата и сентименталноста преку барање на совршената естетика со помош на основниот и за мене најбитен ликовен елемент композицијата, и секако бруталната енергија во делата и активизмот на Страхил Петровски која е двигател во целата кохезија на здружувањето на три навидум различни вредности – вели тој.

Ангел Коруновски

ТРИ е чист одраз на поривот и крик на маргинализираната искреност, изразена преку активизам кој тежнее до враќање и препознавање на примарните нешта кои поединецот впрочем човекот го истргнуваат од глобализацијата и претопувањето во масата, маѓепсана од материјалната зашеметеност.

– ТРИ ја потенцира индивидуалноста, слободната мисла како и различноста во реакцијата во околината, го потенцира будењето на поединецот – завршува Коруновски.

Сподели