Нов број на „Нумерус“ – награди за најдобрите решавачи на математички задачи

Математичкото списание „Нумерус“ и оваа година ја продолжува долгогодишната традиција на објавување содржини наменети за самостојно користење на учениците од основното образование, но и за заедничка работа во математичките секции во училиштата, како и за во додатната настава по математика. Излегува четири пати во текот на една учебна година – во октомври, декември, февруари и во април. Од Уредувачкиот одбор на „Нумерус“ при Сојузот на математичарите на Македонија, при подготовка на списанието особено внимание се посветува на обработка на теми, пристапи и методи коишто не се доволно застапени во рамките на постојните наставни програми по математика за деветгодишното основно образование, а се неопходни во подготовката за математичките натпревари.

– Списанието нуди голем број интересни рубрики преку кои учениците се забавуваат, решаваат задачи и се подготвуваат за математички натпревари: Математички загатки и популарни прилози, Одделенска настава, Предметна настава, Олимписко катче, Меѓународни натпревари, Конкурсни задачи – одделенска настава, Конкурсни задачи – предметна настава и Наградни задачи. Како одговор на барањата од многу ученици, наставници и родители, од оваа учебна година во „Нумерус“ ќе има содржини и за најмалите математичари – учениците од прво до трето одделение – вели Петар Филиповски, уредник на новиот број на списанието.

Новото уредништво ги охрабрува сите ученици од основно образование да го користат „Нумерус“ и да доставуваат свои решенија на конкурсните и на наградните задачи. Најуспешните решавачи на конкурсните задачи во секое одделение на крајот од учебната година ќе добијат диплома и книга во издание на СММ, а ученикот кој ќе испрати најмногу точно решени конкурсни задачи ќе добие и некој интересен гаџет како дополнителна награда.

– Исто така, ученикот кој ќе испрати најмногу точно решени наградни задачи на крајот од учебната година ќе добие диплома, книга во издание на СММ, и исто така гаџет. Покрај ова, имињата на сите ученици кои ќе испратат точни решенија на барем една конкурсна или наградна задача ќе бидат објавени во списанието. Ги охрабруваме и покануваме сите ученици и наставници по математика да пишуваат и праќаат свои прилози со корисни и интересни математички содржини. Со задоволство ќе им помогаме на младите математичари – ученици од основните училишта во развивање на нивните вештини за пишување математички прилози и статии, и со особена радост ќе ги објавуваме нивните прилози – велат од СММ.

„Нумерус“ е најстарото македонско математичко списание за учениците од основното образование кое го издава Сојузот на математичари на Македонија (СММ). Списанието се издава редовно од 1975 година, кога е отпечатен првиот број.

Повеќе информации за начинот на набавување на списанието на линкот.

Сподели