За книгата „Војната нема женско име“, нобеловката Светлана Алексиевич е добитничка на наградата BookStar 2022, што и ја доделува истоимениот фестивал посветен на европската литература од Скопје.  Фестивалот годинава ќе се одржи од 3 до 5 октомври на неколку локации во Скопје под мотото „Храбри нови зборови“. Судејќи не толку по личниот украински сентимент, колку по тоа што го направила како автор и човек, не постои друга личност од сферата на литературата што толку безрезервно го живее годинашниот слоган на Фестивалот, како што е тоа Светлана Алексиевич. Поради тоа и поради нејзиното монументално дело, одлучивме годинашната награда да ја доделиме на првата книга од нејзината петтотомна епопеја – „Војната нема женско лице“, велат организаторите од издавачот „Антолог“.

-Оригинално објавена во 1985 година до денес таа не престана да зрачи со својата актуелност: во светот и во Европа оттогаш постојано владеат војни во кои гинат деца и старци, во кои жените се вклучени и без да сакаат, во која гласот на слабите е потиснат, во која раните се неизлечиви и во кои лудилото на војната не прашува за име и презиме. Токму затоа сметаме дека гласот на Светлана Алексиевич е гласот што го води обичниот човек од хаосот на историските лавиринти кон снопот животна светлина што треба да го освои. Храбриот збор и дело на Алексиевич е еден од ретките факели во темнината која (не)очекувано се надвиснува над XXI век. За нашиот книжевен контекст е огромна чест што првата новинарка добитничка на Нобелова награда за литература за 2015 година и авторката на дела што засекогаш ја сменија историјата на литературата ќе биде дел од програмата на Фестивалот „BookStar“ 2022 – велат од „Антолог“.

Светлана Александровна Алексиевич е веројатно една од најзначајните живи личности на денешнината, а нејзиното дело е меѓу најактуелните во оваа турбулентна историска делница. Алексиевич е родена на територијата на Советскиот Сојуз пред 74 години во градот Станислав (денешен Ивано-Франковск) на западот од Украина, од мајка Украинка и татко Белорусин. Семејството се преселува во Белорусија, каде што го завршува основното и средното училиште и пред да дипломира на Белорускиот државен универзитет веќе почнува да работи како новинарка која многу бргу станува успешна и препознатлива.

Во текот на нејзината долгогодишна кариера се извештува да создаде авторски стил кој се базира на лични сведоштва. Сепак, тоа не се директни преписи, туку Алексиевич станува (ре)креатор на орална историја. „Создава“ нов жанр иако и „нов“ и „жанр“ сосема оправдано треба да се стават под наводници и да се прифатат со задршка, како што и самата прави. Нејзиното „книжевно“ творештво (кое исто така може да се стави под интерпукциски знаци, бидејќи тоа ги надминува строгите граници на книжевниот дискурс) се состои од пет книги кои се инспирирани од драматични настани на советската историја: Втората светска војна, војната во Авганистан, распадот на СССР и нуклеарната катастрофа во Чернобил. Во текот на својата кариера во Белорусија честопати била обвинувана за „клевети“, „сквернавење“, па дури биле водени и судски процеси против неа во периодот од 1992-1996 година. Поради силниот политички прогон против Алексиевич, во 2000 година ја напуштила државата и една деценија живеела во прогонство во Париз, Гетебург и Берлин. Во 2011 се вратила во Минск, но не за предолго. Заради нејзиниот ангажман и учество на антивладините протести во 2020-2021 против претседателот Лукашенко на 28 септември 2020 повторно принудно ја напушта Белорусија и заминува во Германија, а нејзините книги се отстранети од белоруските училишни програми. Со почетокот на руската инвазија во Украина продолжува со критиките на белоруската вмешаност.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Градот Скопје, книжевната мрежа „Традуки“, Европската Унија, а одделни настани и од Исландскиот фонд за култура, Европската награда за литература, Романскиот институт за култура, Амбасадите на Италија и на Романија. Фестивалската програма ќе сеодвива во Младинскиот културен центар, а дел од настаните и во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје и во КСЦ Центар – Јадро. Визуелниот идентитет е авторство на Деница Стојкоска и Стефан Танков.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.