Проф. Шехтман ќе одржи неколку предавања во МАНУ, на Институтот за хемија. Потесна специјалност на проф. Шехтман се кристали, поточно квазикристали за што ја доби Нобеловата награда пред 12 години
Патот до Нобеловата за Дан Шехтман бил особено трновит. Затоа е важно да им дадеме глас на врвни научници со силен карактер и интегритет во ова време на разни теории на заговор, ширење на празноверие, потценување на науката и научните резултати, посебно и заради она што се случуваше со пандемијата, вакцинациите итн. Важно е младите во нив да бараат инспирација, вели д-р Зоран Здравковски, претседател на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и долгогодишен професор на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес во пензија. Во интервјуто за Умно.мк тој го најавува гостувањето на Нобеловецот, проф. д-р Дан Шехтман од Израел, кој за една недела доаѓа во Македонија. Посетатата ја организира Македонската академија на науките и уметностите, а СХТМ е коорганизатор.

Проф. д-р Зоран Здравковски
Македонија месецов ќе биде домаќин на проф. д-р Дан Шехтман од Израел, добитник на Нобеловата награда по хемија за откритието на квазикристалите во 2011 година. Како се случи ова гостување?
– Многу години наназад сме се залагале и сме канеле на нашите научни конгреси да одржи предавање некој Нобеловец. За жал, сите обиди беа неуспешни. Оваа посета е овозможена благодарение на личните контакти на проф. д-р Анка Трајковска-Петкоска која е секциски уредник во нашето списание и професорка на универзитетот „Св. Климент Охридски“. Произлезе од куртоазна размена на новогодишни честитки и СХТМ ја искористи можноста, во соработка со академик Глигор Јовановски од МАНУ, да ја организира оваа посета. Бидејќи станува збор за многу важен настан сакам да ја нагласам големата поддршка од деканот на ПМФ, проф. Александар Скепаровски и на генералниот директор на „Алкалоид“, инж. Живко Мукаетов.
Тој ќе одржи неколку предавања во МАНУ, на Институтот за хемија. Потесна специјалност на проф. Шехтман се кристали, поточно квазикристали за што, како што рековте, ја доби Нобеловата награда пред 12 години. Каква револуција донесе ова откритие во кристалографијата како дел од хемијата?
– Многу често во науката со развој на нови техники доаѓа до брз напредок на одредени области. Само да ги спомнеме во овој контекст телескопот и микроскопот. Кристалографијата, може слободно да се каже, се родила како наука, заедно со рендгенската дифракција, во првите децении на минатиот век. Оваа техника овозможува одредување на тридимензионалната структура на кристалите односно точната положба на атомите (или други градбени единки) во нив. Кога проф. Шехтман почнал да работи кон крајот на седумдесеттите години тоа веќе била зрела научна дисциплина заснована на некои правила во однос на можните структурни карактеристики на кристалите. Но, како што самиот тој нагласува, откритието на квазикристалите му било овозможено со примената на трансмисиона електронска микроскопија – со оваа техника тридимензионалната структура може да се испитува на многу помали примероци од кристали. Покажал дека она што дотогаш се сметало дека е геометриски забрането (на пример, постоење на оски на симетрија од 5-ти ред) сепак може да постои. Интересно е дека инспирацијата за ова ја добил од исламските мозаици кои имаат подреден распоред, но не се повторуваат, не се периодични.

Проф. Ден Шехтман на доделувањето на Нобеловата награда
Поради апериодичниот атомски распоред во квазикристалите тие поседуваат комбинација на многу интересни својства, како што се висока цврстина, висока отпорност кон абење, ниска термичка и електрична спроводливост, ниска површинска енергија и висока апсорпција на инфрацрвено зрачење. Сето ова го отвора патот за развој на нови материјали што може да најдат примена во разни области.
За студентите по хемија проф. Шехтман нема да одржи предавање од неговата потесна специјалност, туку фокусот ќе му биде на технологијата како претприемништво. Тој како пример ги дава Кина, Израел и Сингапур кои од аграрни прераснаа во земји со високоразвиена технолошка индустрија. Што може да научат нашите студенти од овие примери? Може ли да се применат кај нас?
– Проф. Шехтман, покрај кристалографија, предава и предмети поврзани со отворање на компании за високи технологии (start-up). Како што наведовте овие три земји од технолошки заостанати земји сега се во технолошкиот врв. Тој смета дека секое искуство, дури и неуспешните обиди, во крајна линија се многу корисни. Впрочем, на нашиот Институт се изучува и применета хемија и ние и до сега сме имале студенти кои откако дипломирале се впуштале во овие води. Веројатно ова е добра прилика да се размислува и воведување на некој предмет за претприемништво сличен на оној што го предава проф. Шехтман. Во секој случај, се надеваме дека неговото искуство и на ова поле ќе биде мотивирачко и стимулативно за нашите студенти и наставниот кадар на ПМФ.
Каква е можноста за соработка на Институтот за хемија, па и СХТМ со универзитетите каде работи проф. Шехтман?
– Институтот за хемија (како и сите останати институти на Природно-математичкиот факултет и на УКИМ) има соработка со многу институции во странство. Соработката секогаш почнува со лични контакти. Од тој аспект очекуваме дека и оваа посета и средба со нашите колеги може да доведе до понатамошни подлабоки врски.

Ова е прва посета на Нобеловец од областа на хемијата во Македонија. Зошто е толку важна?
– Тешко е да се одговори на ова прашање. Нобеловите награди во природните и медицинските науки се доделуваат многу рестриктивно и на научници со потврдени придонеси во науката. Многу често поминуваат 15-20 години од некое откритие до доделување на ова врвно признание. Во случајот на проф. Шехтман, клучните трудови за квазикристалите ги објавил во 1982-4, додека Нобеловата му е доделена дури во 2011 година. Некои заслужни истражувачи не ја добиле поради тоа што не се доделува постхумно. Само за пример ќе го спомнам Менделеев.
Патот до Нобеловата за проф. Шехтман бил особено трновит. Првиот труд што го напишал на оваа тема бил одбиен со препорака да го објави во поспецијализирано списание бидејќи, според уредникот, немал пошироко значење. Откако ги објавил своите резултати со објаснувањето на новата појава, бил јавно етикетиран и исмеан како „квазинаучник“. Тоа го изјавил еден од најеминентните научници во тоа време, Полинг, добитник на две Нобелови награди, едната за хемија, а другата за мир – двете ги добил самостојно што е вистинска реткост. Дури отишол до таму што го исклучил од својот истражувачки тим. Проф. Шехтман не се поколебал бидејќи верувал во своите резултати и објаснувањето за нив. Додека бил жив Полинг (поради неговото огромно влијание во Американското хемиско друштво), патот до Нобелова награда за проф. Шехтман бил практично затворен. Сепак научната јавност судела според резултатите – тоа е големината на научниот метод, експерименталните резултати и фактите се над секој авторитет.
Затоа мислам дека е важно за сите нас, да им дадеме глас на вакви врвни научници со силен карактер и интегритет во ова време на разни теории на заговор, ширење на празноверие, потценување на науката и научните резултати посебно и заради она што се случуваше со пандемијата, вакцинациите итн., за младите во нив да бараат инспирација.





