Во кафе-галеријата „Концепт 37“ вечерва во 18 часот ќе биде отворена изложба и ќе биде промовиран проектот „Нишки како воздишки“. Специјални гости се Чие Нагашима и Атсуши Кобајаши – лектори по јапонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Тие ќе изведат чајна церемонија. Проектот „Нишки како воздишки“ е посветен на дел од јапонската култура и е реализиран по избор на учесниците – ученици од шесто, осмо и деветто одделение во основното училиште „Војдан Чернодрински“ – Скопје, членови на клубот „Млади библиотекари“. Овој проект е резултат на доброволното учество на учениците во него и нивната желба за нови знаења, сознанија, увиди, предизвици и поместување на сопствените граници.
Во изминатите три месеци во училишната библиотека, под менторство на Дијана Петкова-стручна соработничка-библиотекарка, во училишната библиотека, беа изработени 45 работилници, а учесниците одговорија на шест предизвика.
Учесниците се запознаа со кратките книжевни форми: хаику, хаига и хаибун користејќи креативна визуализација, сликаа енсо-круг, правеа суши, гомасио, мини зен градина и го најдоа своето икигаи- вредноста на живеењето, минувајќи низ еден творечко-трансформативен процес којшто сите нè поврза духовно и интелектуално.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите во наредните два дена.