Со претставата „Љубовна терапија“ на Народниот театар „Трајко Прокопиев“ од Куманово синоќа почна 16. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. До 5 октомври ќе настапат: Градско казалиште „Јоза Ивакиќ“ од Винковци, Хрватска, Продукција „Златен заб“ со босанскиот актер Драган „Маца“ Маринковиќ, Народниот театар „Стерија“ од Вршац и Уметничката работилница „Призор плус“ од Белград, Србија, Општинскиот театар Ќустендил од Бугарија и домашните Драмски театар и Македонски народен театар од Скопје и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес. Сите претстави се играат во салата на Центарот за култура во Крива Паланка од 19.30 часот.
Лауреат фестивалот е македонскиот актер Никола Ристановски, кој се истакнува со бројни улоги и извонредни актерски остварувања во земјава и регионот. Признанието ќе му биде врачено задутре (30 септември) во 13 часот, во Центарот за култура во Крива Паланка.
На свеченоста ќе биде промовирана и монографијата „Со театар до Балкан без граници“ , по повод 15 години Интернационален театарски фестивал, од авторот Гоце Ристовски, публицист, театарски критичар, драмски автор, писател и новинар.
Организатори на манифестацијата се Општина Крива Паланка, Здружението за промоција на театарската уметност „Театарски фестивал“ и Центарот за култура од градот.
Во изминатите 15 години лауреати на фестивалот биле: Зафир Хаџиманов, Милица Стојанова, Шенка Колозова, Петар Темелковски, Страшко Милошевски, Мето Јовановски, Јордан Плевнеш, Јелена Жугиќ, Гоце Ристовски, Благој Чоревски, Коле Ангеловски, Гоце Тодоровски, Ѓокица Лукаревски, Драган Спасов-Дац и Билјана Драгиќевиќ-Пројковска.