Тони Китановски е автор на музиката на филмот, што деновиве почна да се снима, а македонски копродуцент е „Круг филм“

Почна снимањето на филмот „Живи и здрави“ по сценарио и во режија на Иван Мариновиќ, а во копродукција со македонскиот „Круг филм“. Снимањето ќе трае 33 дена. Планирано е да заврши на 23 јуни, а ќе се одвива на локации во Црна Гора, во Херцег Нови и Игало и на полуостровот Луштица. Ова е втор филм на Мариновиќ. Неговиот дебитантски филм „Црната игла“ беше реализиран во 2016 година.

Дел од актерската екипа е реномираниот македонски актер Никола Ристановски, а играат и Тијана Лазовиќ, Горан Славиќ, Момчило Пиќуриќ, Горан Богдан, Сњежана Шишков Синовчиќ, Дејан Ѓоновиќ, Мирјана Јоковиќ и Драгана Дабовиќ. Автор на оригиналната музика за филмот ќе ја работи нашиот истакнат музичар и композитор Тони Китановски.

„Живи и здрави“ ја раскажува приказната за Драгана (хрватската ѕвезда Тиjана Лазовиќ), идна невеста која вели дека не сака да се мажи, само два дена пред свадбата – иако се е подготвено и сите знаат за тоа. Лесо (ветеранот Момчило Пиќуриќ), безмилосниот патријарх на семејството на младоженецот (Горан Славиќ), има предлог за бунтовната невеста: помини ја крвавата свадба, одглуми ја, а потоа оди каде и да сакаш следниот ден. Таа се согласува. Сепак, навредениот младоженец сè уште се надева дека таа ќе остане. Традиционалната свадба вклучува серија апсурдни настани потопени во алкохол, пукотници и динамит, што ќе ги изнесе на виделина најлошите карактеристики на ликовите.

Филмот се снима во продукција на црногорскиот „Адриатик вестерн“ на Иван Мариновиќ, а во копродукција со Марија Стојановиќ од српската „Сенс продукција“, Дејан Крајчевски од македонскиот „Круг филм“, Вероника Кухрова и Михал Крачмер од чешки „Аналог визија“, Анкица Јуриќ-Тилиќ од хрватската „Кинорама“ и Јожко Рутар од словенечкиот „Спок филм“.

Проектот е поддржан од Филмскиот центар на Црна Гора, Филмскиот центар Србија, Чешкиот филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC), Агенцијата за филм на Северна Македонија, Словенечкиот филмски центар, Creative Europe MEDIA, SeeCinema Network, Eurimages, Порто Нови, Туристичката организација на Херцег Нови и општина Херцег Нови.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.