Нашиот реномиран поет Никола Маџиров и добитничката на Пулицер и американската национална лауреатка за поезија, Наташа Третвеј, на свечена церемонија во Торонто го соопштија годинашниот добитник на престижната награда за поезија „Грифин“ (Griffin Poetry Prize) – американскиот поет Роџер Ривс. Како што објави Умно.мк лани во септември, Маџиров беше избран за член на жирито за светската поетска награда.

Никола Маџиров и Наташа Третвеј
– На церемонијата пред околу илјада посетители во „Корнер Хол“ во Торонто, веста дека добитник на наградата е Роџер Ривс, ја соопштивме заедно со членката на жирито од САД, добитничката на Пулицер и американската национална лауреатка за поезија Наташа Третвеј. Истата вечер беше соопштено и името на добитничката на наградата за животно дело за оваа година – ирско-американската поетеса Фени Хоу, која им се придружи на Томас Транстромер, Адам Загајевски, Х.М. Енценсбергер, Ко Ун, Дерек Волкот, Шејмас Хини, Аделиа Прадо, Адриен Рич… – вели Маџиров.

Роџер Ривс (лево) и Скот Грифин
Рив ја доби наградата за збирката поезија „Најдобар варварин“. Наградата „Грифин“ изнесува 130.000 долари и во моментот е најголемата светска награда што се доделува за една поетска збирка. Останатите финалисти добија по 10.000 долари. Ширито составено од Никола Маџиров (Македонија), Грегори Скофилд (Канада) и Наташа Третвеј (САД) прочитаа 602 книги поезија, меѓу кои 54 преводи од 20 јазици, поднесени од 229 издавачи од 20 земји од светот.

Свечената церемонија во Торонто





