Во таа конкуренција од натпреварувачи од целиот свет, имав привилегија и чест успешно да ја претставам својата татковина со освојување на олимписки медал, вели Никола Цветановски. Бранко Јангеловски, пак, вели: Дефинитивно е едно незаборавно, уникатно искуство што би сакал да го доживеам барем уште еднаш
Тие се интелигентни, трудољубиви, скромни и благородни. Со самото учество во тимот кој постигна врвни резултати за Македонија на 64. Интернационална математичка олимпијада во Јапонија влегоа во историјата на независна Македонија. Младите математичари веќе неколку години растураат на меѓународните натпревари, но ова е прв голем успех на светската математичка олимпијада. Со еден златен, еден сребрен медал, две бронзи и една пофалница, нашиот тим според освоени одличја се пласираа на 24. место во конкуренција од 113 земји од целиот свет.
Никола Спировски, Јан Стојановски, Бранко Јангеловски, Алексиј Тасиќ, Никола Цветановски и Дамјан Давков (од лево кон денсо)
Никола Цветановски е еден од златната шесторка што го постигна фантастичниот резултат. Тој освои бронзен медал. Вели дека секој млад математичар сонува да обезбеди пласман на ИМО, па така и за него ова претставувало остварување на еден долгогодишен сон.
– Фактот дека влегов во групата на најдобрите само по себе е непроценливо достигнување. Со учеството на ИМО 2023, добив шанса да се запознаам со деца коишто ја делат истата страст за математика и да станам дел од една глобална математичка заедница – вели Никола.
Никола Цветановски
Освен можноста да учествува на оваа престижна олимпијада, најголем предизвик, но истовремено и задоволство му престатвувало што таа се одржуваше во Јапонија, „една за нас далечна земја, земјата на изгрејсонцето, но и една од технолошки најнапредните во светски рамки“.
– Чувството е неверојатно. Во таа конкуренција од натпреварувачи од целиот свет, имав привилегија и чест успешно да ја претставам својата татковина со освојување на олимписки медал. Се надевам дека историски постигнатите резултати ќе претставуваат инспирација за идните генерации на математичари – вели Никола.
Незаборавно искуство
Бранко Јангеловски доби пофалница и придонесе нашиот тим да постигне одлични резултати според освоени поени. За неко ова беше прво учество на ИМО.
– Дефинитивно е едно незаборавно, уникатно искуство што би сакал да го доживеам барем уште еднаш, се надевам наредната година. За мене, најголем предизвик ми беше да се соочам со притисокот, тремата пред натпреварот, како и адаптирањето на временската зона. Тие ми беа негативен фактор за подобар перформанс на натпреварот – вели младиот математичар.
Бранко Јангеловски
Најголемо задоволство му направија екскурзиите, настаните, перфектната организација на натпреварот, дружењето и можноста да се запознаат со тимови од целиот свет.
– Чест ми е што имав удел во постигнатиот тимски резултат, кој дефинитивно можеше да биде подобар, како и тоа што бев дел од тимот кој го донесе првото злато за Македонија, постигнат од Дамјан – вели Бранко.
Младиот Дамјан Давков за 10 поени не го повтори годинашниот успех на Јуниорска балканска математичка олимпијада каде беше прогчасен за најдобар натпреварувач со максимални освоени поени. Тој го донесе прво злато за Македонија на ИМО. Алексиј Тасиќ освои сребрен, а Никола Стојановски – бронзен медал. Јан Стојановски пак, направи друг подвиг – освои пофалница на ИМО и му се придружи на националниот тим кој ја шпретставуваше Македонија на Меѓународната олимпијада по физика која годинава се одржа во Токио. Таму освои бронзен медал.
Доаѓаат години на големи очекувања
Нашиот тим го предводеа водачот Илија Јовчески, а заменик-водачот Мирко Петрушевски. Подготовките на младите математичари, организирањето на националните натпревари и учеството на меѓународните првенства го организира Сојузот на математичарите на Македонија.
– Радува тоа што секој од шестемина членови на годинашната македонска екипа, која постави нов стандард на успешност во најрелевантниот ИМО параметар, не е во последната година од своето средношколско образование. Оправдано се надеваме на уште поголем македонски успех в година, на 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024), која треба да се одржи во Бат, Велика Британија. Возбудува и фактот дека на Дамјан Давков му претстојат уште барем три учества на ИМО – велат од Сојузот.
Во подготовката на нашите млади талентирани математичари се вклучени повеќе членови на СММ и поранешни олимијци. Дел од нив живеат во странство, но активно работат со талентите. Бидејќи во рамките на редовниот образовен систем нема поддршка за овие ученици, менторите и учениците најчесто сами ги плаќаат дополнителните трошоци. Според Законот за средно образование, средношколците што освоиле медал на меѓународен натпревар можат да конкурираат за стипендија во Министерството за образование и наука, но ментор може исклучиво да биде професор вработен во средно училиште. Оваа законска рамка често е пречка, бидејќи ментори на врвните таленти најчесто се универзитетски професори и доктори на науки.
Во последно време СММ отвори можност за донации, како поддршка на талентите и менторите, за да можат да работат и да се подготвуваат за натпреварите во текот на целата година, а не само неколку месеци пред натпревар. Сите што сакаат да донираат за подготовките тоа може да го сторат на линкот.