Никола Ѓуричко гостува со стендап-шоу во Скопје

Фестивалот „Таксират“ во соработка со „Скопје Комеди“ го најавува новото шоу на популарниот српски актер Никола Ѓуричко во Скопје, што ќе се одржи на 7 март во Филхармонија. Никола ќе настапи со својот нов стенд-ап материјал со наслов Showbiz. По пауза од три години, 2023 тој ја започнува со многубројни успешни настапи и распродадени шоуа низ Балканот и Европа, а на мапата дојде на ред и Скопје! Новиот материјал на Ѓуричко вклучува анегдоти и поуки од неговиот живот како актер и во Холивуд и занимливости од неговиот приватен живот со неговото семејство.

Никола Ѓуричко е српски актер, роден во Белград во 1974 година. Подеднакво е активен и на филм, телевизија и театар, а првата позначајна улога ја добива во 1989 година во култниот филм „Последниот Круг во Монца“. Во својата кариера пред заминувањето во Холивуд, тој се запишува како актер во повеќе од 60 театарски претстави, а го знаеме и од филмовите: „Муње“, „Кога ќе пораснам ќе бидам Кенгур“, „Седум и пол“, „Монтевидео, Бог те видео“ и многу други.

Има освојувано многу награди во текот на својата исклучително богата актерска кариера. Од неодамна со своето семејство живее во Лос Анџелес,  каде за кратко време успеа да ја освои и публиката во улогата на Јури Исмајлов во глобалната хит-серија на „Нетфликс“: „Stranger Things“ (Почудни нешта) во која покрај него глумат и големите холивудски ѕвезди Винона Рајдер и Дејвид Харбур.

Сподели