Никој не може да ми ја одземе величенственоста на слободата на мојата земја

„На 24 февруари, се чувствував како да не можам да дишам. Како моето најдрагоцено нешто да беше оттргнато од мене… Ништо и никој не може да ми ја одземе величенственоста на слободата и вистината на мојата земја“, рече синоќа италијанско-украинската визуелна уметница Софија Чотирбок (1991) на отворањето на нејзината изложба „Дома пред темница“ во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Изложбата ја отвори шефот на Делегација на Европската Унија, Дејвид Гир, во присуство на амбасадори, диполомати, политичари, куратори, уметници и љубители на уметноста таа претстави свои фотографии. Низ поставката Чотирбок раскажува биографска епизода поврзана со барањето за италијанско државјанство што би значело откажување од нејзиното родно државјанство, украинското. Нејзиното истражување, генерално се фокусира на темата на идентитетот во постсоветското општество и архивата како интимна и домашна меморија, преобразена во универзална човечка материја преку фотографија, видео и ткаенина.

– Почетната точка на уметничкиот процес е архива, место на сеќавање по дефиниција, овде материјализирано во chruščëvka (советски стан) и предметите и сликите што ги содржи, симболични реликвии кои истовремено се и познати и туѓи. Токму во познатите текстури на таписериите и семејните фотографии се артикулира истражувањето со тоа што ги прави видливи, без да ги пополни, празнините на меморијата преку низа од мимикрија, бришење и прикривање – велат од Националната галерија.

Софија Чотирбок (1991) е италијанско-украинска визуелна уметница. Таа живее во Милано, каде што дипломирала фотографија на Cfp Bauer во 2019 година. Нејзиното истражување се фокусира на темата на идентитетот во постсоветското општество, миграцијата и архивата како интимна и домашна меморија, трансформирана во универзална човечка материја преку фотографија, видео и ткаенина. Добитничка е на бројни стипендии во Италија и во Украина.

Нејзините дела се изложени на големи меѓународни фестивали и музеи, вклучително Saarlandmuseum – Moderne Galerie (2023), Triennale Milano (2021), Paris Photo Off (2022), Odesa Photo Days (2021), Mana Contemporary (Чикаго, 2019). Во 2023 година беше финалист на Giovane Fotografia Italiana #10 и ја имаше нејзината прва самостојна изложба во Битола, Македонија. Оваа изложба е во контекст на тековната воена агресија на Русија против Украина, а ја организира Europe House Скопје.

Изложбата ја организира Europe House Скопје во повод двегодишнината од руската инвазија врз Украина и ќе остане поставена за јавноста до 1 март 2024 година.

Сподели