„Ние, робовите од Суринам“ книжевно ремек-дело за расизмот и експлоатацијата

Од печат на македoнски јазик излезе класикот на холандската литература „Ние, робовите од Суринам“ од Антон Де Ком во издание на „Макавеј“. Преводот од холандски на македoнски го направи Ели Пујовска. Книгата е книжевно ремек-дело, лична и општа историографија, како и жестоко обвинение кон расизмот и експлоатацијата.

Книгата е објавена пред 88 години и малкумина читатели ја знаеле. Автор е Суринамецот Антон де Ком (1898-1945). Наеднаш книгата стана хит.
– Обновениот интерес се должи на промената на „канонот на холандската историја“: Антон де Ком бил активен претставник на деколонизацијата на „Западот“ или холандските Кариби – Суринам и (поранешните) Холандски Антили. Тој бил инспириран од жестокото обвинение на Алберт Хелман против „рамнодушниот колонијализам“ на Холандија, како што тој се изразил во епилогот на својата книга Југ – Југозапад (1926) – објаснуваат издавачите.

„Ние робовите од Суринам“ претставува радикално пренапишување на историјата на Суринам, за првпат целосно преточена од перспектива на црнечко селанче. Неверојатна е неговата храброст, дух и упорност во остварување на ова дело, бидејќи тој морал од сосема поинаква перспектива да го прегледа речиси секое поглавје од холандската колонијална историја. Се разбира, тој ја засновал својата книга на претходната историографија на Суринам, но Де Ком ги менува улогите: водачите на бунтовните робови не се безимени бандити, туку херои и примери чии имиња можат гордо да се споменат.

– Тој е жесток критичар на вековната експлоатација на Африканците кои биле принудени на безнадежна егзистенција, тортури и измачувања во фабриките за шеќер и на плантажите. По укинувањето на ропството, азиските работници кои биле намамени од Кина, Индија и Индонезија станале жртви на системот со одвај подобра позиција од онаа на робовите. Книгата може да се најде во интернет-книжарницата kupikniga.mk и во книжарниците на „Или-или“, „Антолог“ и „Полица“ во центарот на Скопје.