Ние паметиме, порачаа потомците на депортираните македонски Евреи

Во ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година, Битола, Штип и Скопје биле блокирани, а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција

На 11 март, битолчани секогаш ја наведнуваат главата од почит кон своите 3.350 сограѓани, македонски Евреи, за никогаш да не се повтори. И денеска, ќе бидеме дел од поворката на живите, молкум минувајќи го патот што го врвеа оние што не се вратија, рече вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на комеморацијата по повод одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, што се одржa во Офицерскиот дом во Битола.

На комеморацијата присуствуваа претставници на Еврејската заедница на Македонија, на еврејските заедници на Израел и на Германија, конзулите на повеќе земји, а говореа градоначалникниот Тони Коњановски, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви и претседателот на Сојузот на борци во Битола, Стефан Бошков.

Бисера Костадиновска-Стојчевска и Пепо Леви

Костадиновска-Стојчевска рече дека Битола никогаш нема да го заборави злокобното мартовско утро пред 80 години кога за последен пат 973 еврејски семејства го пречекорија прагот од своите домови. Истиот ден, со 14 сточни вагони почнала депортацијата на битолските Евреи. Првата станица бил логорот кај Скопскиот монопол. Следната и последна – Треблинка.

– Денеска не им судиме на злосторниците и на нивните слуги, туку го чуваме од заборав нивното злосторство, за никогаш да не се повтори. Споменот за направеното злосторство е најголемиот кошмар за злосторниците и за нивните поколенија – рече Костадиновска-Стојчевска.

Иво Николиќ и Горан Садикаријо (десно)

Потомци на македонските Евреи пред бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола порачаа дека без сеќавање нема иднина.
– Ние паметиме. Битола денеска одбележа 80 години без Евреите кои беа културното и трговското јадро во градот. И додека сите си споменуваа за заедничкиот мултиетнички живот, портите на клубот „Ванчо Михајлов“ ги сопнаа потомците на битолските Евреи – истакнаа директорот на Фондот на холокаустот, Горан Садикаријо, внукот на Хаим Садикарио, преживеан од холокаустот, и претседателот на Фондот на холокаустот, Иван Николиќ, правнук на последниот битолски рабин, Аврам Романо, пред бугарскиот клуб.

Во ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година, Битола, Штип и Скопје биле блокирани, а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција. Во раните утрински часови, на 11 март, започнало собирањето на Евреите. Полицајците на луѓето им велеле со нив да ги земат сите скапоцености и пари, зашто ќе им требаат, и дека ќе бидат префрлени во Бугарија. Пљачкосувањето на имотот настанало уште на самото место, во куќите, при собирањето на Евреите. Продолжило на железничките станици во Битола и во Штип, но и во Државниот монопол во Скопје, од каде што Евреите во три наврати биле депортирани во логорот Треблинка во окупирана Полска. За 14 месеци, од август 1942 до септември 1943 во Треблинка биле убиени 925 илјади луѓе, меѓу кои биле и 7.144 македонски Евреи.

Поворката вчера заврши на пругата каде беа оставени камења како симбол на вечно паметење. Денеска марш ќе има во Штип, а главната комеморација ќе се одржи в недела во Скопје.

Сподели