Жирито годинава е составено од режисерот Владимир Милчин, актерката Бедиа Беговска и писателот и драмски уметник Сашо Димоски

Вкупно 13 монодрами од 11 земји ќе бидат изведени на 23. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола што ќе се одржи од 14 до 21 мај. Под мотото „Помеѓу“ фестивалот ќе се одржи на сцените на Центарот за култура и на Народниот театар. Ќе бидат изведени монодрами од Велика Британија, Ерменија, Хрватска, Шпанија, Азербејџан, Полска, Израел, Бугарија, Молдавија и од Романија,

Според Маја Андоновска-Илијевски, годинава, растоварени од ковид-протоколите ќе се обидат повтпрно да направат светски фестивал.
– Знам колку е посебен овој проект. Не станува збор за никаква комерцијална, туку за сериозна и квалитетна уметничка продукција. Имаме одличен тим кој стои зад фестивалот и селекција која ќе го донесе најдоброто – истакна Андоновска-Илијевски на прес-конференцијата.

Маја Андоновска-Илијевски и Петар Мирчевски

Жирито годинава е составено од режисерот Владимир Милчин, актерката Бедиа Беговска и писателот и драмски уметник Сашо Димоски. Селектор на фестивалот е доајенот на македонскиот тетатар, актерот Петар Мирчевски. Тој рече дека имале тешка задача да селектираат бидејќи пристигнале повеќе од 70 апликации од цел свет.
– Дури 11 беа од Хрватска, каде по неколку нивни гостувања на овој ист фестивал, стануваме славна точка, што е навистина убава вест. „Помеѓу“ многу дилеми што да се избере, му се радуваме на фестивалот како на најголем театарски празник. Низ годините наназад не се забележал толкав голем интерес за учество. Програмата е затворена, има одличен избор и од аспект на текстови, и од аспект на продукција, а актерскиот чин на креирање на монодрама ќе го оживее театaрскиот свет на малку поинаков начин – вели Мирчевски.

Свеченото отворање е закажано за 14 мај со претставата „Само глас“ на МНТ од Скопје, а затворањето е на 21 мај со „Странци“ на Драмски театар од Скопје. Годинава новина е дневната офф-програма која од 12 до 15 часот ќе се случува на делови од Широк Сокак со учество на актери од „Статуа фест“, а централна точка на оваа придружна програма ќе биде „Јагода“ на крајот од оваа пешачка зона на Битола, каде актерите живи статуи и познатите артисти од битолската електронска сцена ќе имаат своја програма. Дизајнот на плакатот е на графичката дизајнерка Ангела Христовска и продукцијата „Сектор“.

Фото: Диоген Хаџи-Коста Милевски

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.