Писателите не го избраа новото раководство, поради немање кворум за да се одржи вонредната седница закажана за вчера. Од вкупно 286 члена на ДПМ, беа присутни 73, а за кворум на работа на седницата беа потребни 96, објави претседателството на ДПМ. Беше избрана Верификациона комисија, а Вонредното изборно собрание немаше кворум за работа.
Мнозинството од присутните писатели со писмо до јавноста реагираа дека актуелното раководство во заминување направило удар. Своерачно потпишани 64-ца писатели присутни во текот на дискусијата, гласаа за заедничките заклучоци. Тие ја обвинуваат претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска со тоа што:
– и покрај барањето на членови за увид и прочистување на избирачкиот список, таа не го овозможи тоа и во списокот останаа починати лица;
– оневозможи членовите на ДПМ што живеат надвор од земјата да гласаат на
Вонредното изборно собрание, без да прифати и понуди решение нивното очекувано отсуство да не влијае на кворумот на седницата;
– ги демотивираше членовите на ДПМ што живеат надвор од Скопје да дојдат на Вонредото изборно собрание со тоа што не одговори на нивните прашања за подмирување на патните трошоци;
– повеќе од половина од членството на ДПМ според јавно објавениот список на веб-страницата на ДПМ, што не користи електронска пошта, воопшто не беше информирано за одржувањето на Вонредото изборно собрание, и покрај обврската на претседателот на Собранието преку други начини на комуникација да ги информира и да им ги достави материјалите за седницата.
-По изведување на планираното сценарио на Кристина Николовска што Христо Петрески го поддржа и со напуштање на салата на ДПМ петнаесет минути пред констатирање на бројот на присутните членови, претседалката на Собранието, Николовска:

– не овозможи дискусија и предлози од присутните;
– ги напушти просториите на ДПМ, без ни малку почит кон македонскиот писател и кон македонската книжевност;
– домот на македонските писатели го остави на техничко лице повикано од нејзина страна без некакви службени овластувања и без пишан правен документ да биде гарант за сето културно наследство во просториите на ДПМ.
Претседателката на Собранието, Кристина Николова, за Умно.мк ги образложи одлуките. Таа вели дека, „според постоечкиот и важечки Статут на ДПМ, се гласа со тајно, со физичко присуство. Во Статутот не е предвидено електронско гласање, туку само тајно и со физичко присуство.“
-Секогаш досега било така, на сите претходни избори, дури за време на Ковид пандемијата. Сите писатели од внатрешноста добиваат надоместок за патните трошоци, за што вчера се правеше евиденција. Списокот на членовите на ДПМ е постојано јавно достапен и во претходниот период беше ажуриран и деевидентирани беа починатите писатели. При тоа, избирачкиот список е ист со списокот на активни членови на ДПМ – вели Николовска.
Според неа, „членовите кои живеат во странство се рамноправни со писателите од земјава и никој нема право да ги брише од списокот и да им ги ускратува нивните права да одлучуваат и избираат.
-На собранието беше присутен и писател што живее во странство – вели таа.
Мнозинството од присутните членови на Вонредното изборно собрание продолжија со дискусија и се донесоа заклучоците што се во продолжение.

Од Кристина Николовска се бара:
– итно да пристапи кон организација на продолжение на седницата на Собранието на 27 јануари 2024 година;
– итно да пристапи кон прочистување на списокот на ДПМ од починати членови и да овозможи јавен увид во списокот;
– според практиката што е применувана на претходните изборни собранија, а имајќи го предвид и оневозможувањето од страна на Кристина Николовска онлајн да гласаат членовите на ДПМ што живеат надвор земјата, тие да бидат изземени од Избирачкиот список поради утврдување на квориумот. Напоменуваме дека членовите што не живеат во земјата беа изземени од Избирачкиот список на сите претходни изборни собранија, вклучително и при изборот на Кристина Николовска и Христо Петрески во 2022 година, а не беа изземени само сега, поради сценариото на овие личности за целосно уништување на ДПМ.
Поради спас на ДПМ, членовите бараат лицата што веќе го имаат изгубено легитимитетот од членството и немаат поднесено никков извештај за нивната работа од стапување на функциите наваму – Кристина Николовска и Христо Петрески, веќе воопшто да не преземаат финансиски и правни дејствија во ДПМ.
Сето ова е заведено во записник воден во текот на дискусијата.
– Ја известуваме јавноста дека од овој момент до продолжението на Вонредното изборно собрание, ДПМ не може да презема активности, што веројатно беше и цел на Кристина Николовска и Христо Петрески, поради обид за уништување на ДПМ.
Од овој момент натаму, секое соопштение испратено од официјалната адреса на ДПМ зад коешто стојат Христо Петрески и Кристина Николовска, освен соопштение во врска со продолжението на Вонредното изборно собрание се смета нелегитимно – пишува во писмото.





