Пишува: Трајче Кацаров
Во основното и средното образование, на часовите по мајчин јазик, односно по македонски, т.е. по книжевност, откако ќе прочитавме песна или фрагмент од творештвото на писател, влезен во образовната програма, станувавме сведоци на прашањето упатено од страна на учителите: „Што сакал писателот да каже?“ Откако на творбата ќе ù го одредевме родот и жанрот, се редеа одговори кои најчесто беа паушални, едноставно речено, истресени од ракав. „Ааааа! Значи тоа сакал да каже Ацо Шопов во песната „Очи“, Б. Конески во песната „Везилка“, Славко Јаневски во повеста „Улица“, Бодлер во песната „Албатрос“, Едгар Алан По, во песната „Гавранот“ А.С.Пушкин во романот во стихови „Евгениј Онегин“. Реакцијата што почнуваше со звучно развлечениот вокал а, и значеше изненадување, чудо ниту чуено, ниту видено, доаѓаше по повикот на пријателите-учителите и квантумот на нивното знаење.
Прашалната реченица „Што сакал писателот да каже?“, надвор од времето за едукација, по училишните кулоари, стануваше средство за пежоративен приод кон неумесните љубовни изјави, досадните тиради во одбрана на максимата „Сè е добро додека си млад, секое одело добро ти стои, секоја рана помалку боли!“ и слично.
Како што растев, прашањето „Што сакал писателот да каже?“ стануваше клучно во одредувањето на квинтесенцијата на делото. Во светот го има она што кај нас го нема. Можеби од оправдани причини, нема агенти кои ќе застапуваат одредени автори. Нема професии кои ќе ги бранат интересите на авторите, односно ќе ги потенцираат нивните културолошки и пазарни вредности. Според изјавите на очевидци, таму некаде во Америка, авторот, пред застапникот-агентот, мора во една реченица, или за минута-две, да признае што сакал да каже со своето дело – филмско сценарио, театарска пиеса, роман и сл. Горан Стефановски преку изјави за јавноста потенцира дека авторот мора во една реченица да одговори на прашањето – што сакал да каже?
Многупати самиот на себе сум си го поставувал прашањето. Сум се обидувал да дадам краток, ама точен одговор. Не често сум успевал. На тој начин сум ги селектирал творбите. Таму каде не сум јасен за себе, со сигурност не ќе бидам јасен и за јавноста. Затоа најдобро е да се исчека судот на рецепторот.
На една книжевна средба, учесник во истата-поет, високо рангиран на нашата книжевна вертикала, не сакаше да прочита своја песна под изговор дека е тешко разбирлива за него, а не, пак, за слушателите.
Мора да признаеме, по прочитта на делата на ваквите поети-писатели, најлесно се доаѓа до одговор на прашањето – Што сакал писателот да каже? Одговорот би бил многу краток и многу јасен, НИШТО!
Фотографија: Pixabay





