Немој да кажеш, навистина немој да кажеш: Чиј е?

Пишува Трајче Кацаров

Со години наназад, можеби, дури од времето на нејзиното прво зачекорување во музичкиот простор на нашава страдалница, ја слушам песната на Славе Димитров „Чија си?“. Стиховите озвучени со пријатни тонови, понекогаш ја губат смислата. Па не ретко ги примаме само како штури информации. Затоа, во наведената песна, малку тргаме кон детектирање , всушност, кон решавање на загатката – „Чија си“. Песната може да се толкува и како амблем на една младост. Не случајно драматичарот Насев ја наслови својата пиеса „Чија си“. Истата беше инсценирана од режисерот Димитар Станкоски, на сцената на Драмскиот театар. Стана театарски хит. Покрај главното дејствие во пиесата, имаше малку место, или воопшто немаше, за да се реши загатката – „Чија си?“. Прашалната форма чија си, освен што имаше, или има примена во некои родови односи, стана и синтагма за подигравка. Едена од нив е поврзана со името на карате мајсторот и холивудската филмска ѕвезда Чак Норис. Имено, само Чак Норис знаел, односно може да ја реши загатката. Само Чак Ноирис знае чија е. Кога ми го кажа тоа пријател , кисело се насмеав зашто штосот беше со брада.
***
Деновиве кога станав, по не знам кој пат, сведок на „Макфест“ се сетив на штосот со Чак Норис и од срце се изнасемав. Од самото свое постоење, или поточно откако помина во организација на Општината, нема сведок на битот на Макфест, кој барем еднаш не се прашал „Чив е Макфест“.

– На организаторот?
– На пејачите учесници?
– На уметничките директори?
– На спонзорите, на донаторите?
– На Македонската телевизија?
– На публиката?
– На музичарите?
– На новинарите?
– На едикој си?
– На никој си?

Секој, од горе наведените одговори, може да биде точен. Зашто Макфест може да биде на секого, само не на Штип, на штипскиот музички кадар, на штипските институции од културата, на граѓаните на Штип. Од година на година добива статус на туѓинец.
А, за дознаеме кој е тој што ни ги полни ушите со фалшливи ноти и интерпретации, најдобро ќе биде ако му се обратиме на Чак Норис. Тој сигурно знае каде е, каде се крие, ако се крие, стариот добар, нашиот „Макфест“.

Сподели