Немите филмови имаат најмногу звук

За проекцијата на „Носферату“ музичкиот фон ќе го создаде нашиот реномиран музички уметник Џијан Емин и неговата музичка визија ќе биде додадена вредност што досега не сме можеле да ја видиме во овој филм, вели Владимир Ангелов, директор на Кинотеката

Немите филмови се многу поразлични од звучните. Многумина мајстори на немиот филм не можеле да го разберат звучниот филм. Не можеле да се адаптираат. Се работи за две сосема поинакви уметнички форми – вели Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, каде од утревечер ќе биде отворен Фестивалот на нем и класичен филм. Второто издание на овој специфичен фестивал ќе биде отворен со „Носферату“, филм што и „после 100 години предизвикува внимание, можеби и поголемо од она што го предизвикал во предвечерието на нацизмот, веднаш по Големата светска војна.“ Кинотека го организира фестивалот во соработка со „Кино Балкан“.

Владимир Ангелов

Како се одлучивте за „Носферату, симфонија на стравот“? Дали досега го имавте во ваша архива?

– Периодот кога бил создаден „Носферату“ во Германија сè уште владее глад, болест и смрт и овие три работи се вметнати во филмот и станува парадигма за хорор жанрот. Можам слободно да кажам дека овие три теми или закани и денеска го мачат светот. Покрај тоа, „Носферату“ е филм на кој неколку пати сме се навраќале во филмската програма. Сепак, се работи за филмска класика. А тоа е дел од концепцијата на фестивалот. Покрај „Носферату“, на фестивалот имаме уште два филма на режисерот Ф. В. Мурнау обезбедени со посредство на Гете институтот. Имајќи го предвид сето ова, „Носферату“ беше логичен избор.

Филмот го добивме во 2006/7 година од страна на Унгарскиот филмски архив. Имено, во тоа време Кинотеката се стекна со нов простор. Од 6. кат на МТВ се преселивме во сегашниот објект каде што имаме киносала. Тогаш започнавме со редовната филмска програма. Но многу бргу се соочивме со проблем. Наспроти раширеното мислење, Кинотеката нема голем филмски фонд. Нашиот фонд генерално се базира на филмови од крајот на 70-тите, почетокот на 80-тите и тоа само филмовите што ги дистрибураа Македонија филм и Градски кина (во СФРЈ), и подоцна Манаки филм, МКЦ и други приватни дистрибутери (по независноста). Има тука и добри филмови, но тоа се претежно наслови што биле комерцијални во тоа време и само во тоа време.

Имавме слаб филмски фонд и сè уште немавме ниту репутација ниту врски со странските центри за култура и амбасади. Решивме да пишеме циркулар до членките на ФИАФ, интернационалната федерацијата на филмски архиви, и да побараме помош. Во пресрет ни излезе Унгарскиот филмски архив со 60-тина филмски копии од својот фонд. Во тоа време директорка беше Вера Ѓуреј, сопруга на оскаровецот Иштван Сабо, жена со големо чувство за кинотечните вредности. И ден-денес кога ќе се сретнеме им благодарам на тој гест.

Џијан Емин

Џијан Емин ќе се погрижи за музичката илустрација. Каква музичка визија има нашиот маестро?

– Немите филмови имаат најмногу звук. При нивното прикажување најчесто нема ниту еден момент непокриен од музика. И кај немите филмови е интересно тоа што може да се преобмислуваат и ре-креираат во смисла дека со секоја нова музика за филмот добиваме ново доживување на филмот. Освен оние неми филмови што имаат оригинални партитури, па дури и тогаш може да се експериментира. За проекцијата на „Носферату“ музичкиот фон ќе го создаде т.е. компонира нашиот реномиран музички уметник Џијан Емин и неговата музичка визија ќе биде додадена вредност што досега не сме можеле да ја видиме во овој филм. Можеби е интересно во некое идно издание на фестивалот еден ист филм да се прикажеме повеќе пати со различни авторски пристапи во создавањето на музиката т.е. со музика и изведба на различни уметници.

Мора да кажам дека и минатата и оваа година музичарите, што ги контактиравме и се договоривме да „озвучат“ филм беа исклучително расположени за една ваква (со)работ(к)а и покрај кратките рокови. Покрај Џијан Емин, другите неми филмови ќе ги „озвучи“ сестраната Ива Дамјановски.

Тешко ли е да се креира програма за ваков вид фестивал?

– Да. Иако мислите дека филмовите се стари 100 и кусур години, сепак тешко се наоѓаат во професионални формати и сè уште имаат пласман на специјализирани фестивали како оние во Порденоне (Фестивал на неми филмови), Болоња (Фестивал на реставрирани филмови), Сан Франциско (Неми филмови), Белград (Нитратен ФФ), Рочестер, Будимпешта… Toa значи дека се скапи за изнајмување. Не постои земја на светов каде што не се посветува внимание на овие филмови што веќе добија и свој термин: „херитиџ“ филмови. И кај нас е истиот случај. Еве, ние, заедно со иницијативата „Кино Балкан“, скромно започнавме фестивал; Филхармонијата годинава имаше проекција на филм на Чаплин со оригинална музика на Чаплин… Можеби е добро да ги здружиме силите. Секако е добро да ги здружиме силите и да го направиме овој фестивал заедно.

Инаку, концептот на фестивалот е да прикажува вакви, докажани „херитиџ“ филмови. Независно дали се неми, звучни, црно-бели или колор… Годинава имаме филмови добиени со помош на Францускиот културен центар и Гете институтот и филмови од нашиот архив. Да не заборавам да спомнам дека ќе ги прикажеме филмските журнали на Филмски новости, репортажите снимени во Македонија во период 1948-52, филмски материјали што ги откупивме од Србија минатата година.

И, за мене можеби најинтересното ќе биде прикажувањето на три етнолошки филмови на Вера Кличкова, првата македонска режисерка, авторка на етнолошки филмови. Вовед во животот и филмското дело на Кличкова ќе понуди д-р Илина Јакимовска, а по проекцијата ќе нè забавуваат студентите по етнологија и нивната група „Ролинг етнос“. Филмовите на Кличкова т.е. целиот овој програм ќе биде дел од европската иницијатива „Сизн оф класик филмс“ и ќе биде „стримуван онлајн“.

Колку е важно да го научиме немиот филм, за подобро да го разбереме современиот?

– Годинава Џон Метисон на затворањето на ИФФК „Браќа Манаки“ рече: „Визуелниот јазик секој го разбира. Кога снимале браќата Манаки имало само слики, а сликите сите ги разбираат.“ Немите филмови се многу поразлични од звучните. Многумина мајстори на немиот филм не можеле да го разберат звучниот филм. Не можеле да се адаптираат. Се работи за две сосема поинакви уметнички форми. Жалам што немиот филм само спорадично постои паралелно со звучниот филм, во некои ретки случаи, како кај нашиот филм „Љубовникот“ на Изи, или филмот „Артист“ на Мишел Азанависиус што доби 5 оскари или ТВ и филмскиот серијал Мистер Бин. Овие примери покажуваат дека има интерес за немиот филм, но нема квантитет. Не е лесно да се сними нем филм. Бидејќи посетувам некои од специјализираните фестивали, можам да кажам дека во странство има интерес за овие филмови. Кај нас, лани, во програмата што беше понудена уживаа малкумина одбрани. А на програма го имавме големиот Довженко и ред други.