„Нема струја за електричниот стол“ на Велешкиот театар гостува во Драмски

Театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ од Велес вечерва во 20 часот ќе ја изведе претставата „Нема струја за електричниот стол“ на режисерот Дејан Пројковски. Улогите ги толкуваат Васил Зафирчев и Исидор Јованоски. Претставата „Нема струја за електричниот стол“ од современиот бугарски писател Александар Секулов имаше премиера пред точно една година. Драматург на претставата е Сашо Димоски, Филип Коруновски е автор на сценскиот дизајн и на плакатот за претставата и како коавтор на видеодизајнот и анимациите заедно со Борче Конзулов. Музиката за претставата и нејзината изведба во живо се на Сашко Костов, а камерите во претставата се на Данчо Стефков и на Александар Костов.

Деновиве Драмски театар ги отвора вратите за гостувања, меѓу кои ќе биде и гостувањето на три независни театарски групи.
В четврток на 7 март ќе се претстават „Штрих“ со претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“. Улогите ги играат актерите: Марјан Наумов, Гоце Андонов, Благојчо Стојанов, Ава Хусеини, Томислав Давидовски, Катерина Јовановиќ, Ана Грамосли и Јанка Лефкова. Претставата е на авторот Филип Грујиќ. Режисер е Борис Василески.

Театарот „Златен Елец“ се претставува во петок, 8ми март, со „Кенди“ според истоименото дело на Лук Дејвис. Адаптацијата и режијата е на Тамара Стојаноска, а улогите ги играат: Лео Поповиќ и Бобан Алексоски.

В сабота на 9 март следува претставата „Бура и продор“ на групата „Стурм унд дранг“. Теа Беговска е автор и режисер, а настапуваат: Илин Јовановски, Дениз Рустеми, Бојан Лазаров, Миа Кантарџиева Петровска, Тодор Стојковски и Дин Ибрахим.

Сподели