Искрено верувам дека сите ние ќе си дадеме шанса да ги промениме работите, посебно во изучувањето на математиката во основното и средното образование, вели проф. д-р Ѓорѓи Маркоски

Во моментов имаме генерации ученици кои задоцнето треба да разберат која е научната основа на математиката како предмет. За некои од нив тоа е скоро невозможен процес. За нив математиката ќе остане само „некаква пресметка“, вели д-р Ѓорѓи Маркоски, професор на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и претседател на Сојузот на математичари на Македонија. Со него разговараме за успесите на младите математичари на меѓународните натпревари, за уделот на Сојузот во овој процес, за реформите во основното образование во Македонија и колку во нив се вклучени институциите и научните здруженија.

Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски

Младите талентирани математичари постигнуваат одлични резултати на меѓународните натпревари (олимпијади) што кај нас ги органиизра СММ. На што се должи овој успех?

– Пред две години, веднаш после мојот избор за претседател на СММ, ветив дека работите кои се во мојот домен ќе се променат односно подобрат. Таа промена не се случува преку ноќ, а никако ако само јас верувам во неа. Среќен сум што сум опкружен со луѓе кои ја чувствуваат припадноста кон СММ на начин на кој целиот свој личен и професионален влог им е насочен кон целосно подобрување на состојбата со математиката во нашата земја. Преку заедничка работа, транспарентно, несебично и директно организиравме едукација за сите ученици, посебно за оние кои станаа дел од потесниот круг, т.е. екипите за меѓународни натпревари. Иако натпреварите се само еден сегмент од работата на СММ, сепак задоволство е да се биде сведок на успесите на нашите ученици, нивните ментори и целиот тим кој ги подготви за овие натпревари. Успехот е резултат на огромните споделени искуства во облик на теорија и решени задачи кои го реализиравме низ серија средби со заеднички именител „од натпреварувачите за натпреварувачите“.

Како професор на Институтот за математика целна група Ви се студенти. Што Ве мотивира да работите со основците и средношколците за кои претежно се наменети овие меѓународни натпревари?

– Иако целната група ми се студенти, јас сум пред сѐ  наставник по математика, т.е. реализирам настава по математика. За мене математиката е наука која не се однесува на возрасни групи, туку на групи кои што имаат слични математички размислувања. Оттаму, не можам да ги поделам на основци, средношколци и студенти, туку можам да ги разгледувам како ученици на кои задачите им се предизвик и на тие кои не им се. Голем дел од мојата работа на Институтот за математика е подготвување на идните наставници по математика, кои ќе активно ќе се вклучат во работата со талентираните ученици.

Имаат ли шанса младите таленти без поддршката од членовите на СММ (и средношколски и универзитетски професори)? Колку формалното образование може да им го задоволи апетитот за знаење на талентираните математичари?

– Поединци секогаш имаат шанса самостојно да напредуваат во математиката. Тоа е резултат на личната мотивација, средината, афинитетите и други услови. Постоењето на СММ како здружение на наставници не е само организирање и реализирање натпревари, туку подигнување на нивото на изучување на математиката кај нас. Формалното бразование е нераскинлив дел од целосното математичко образование на поединецот. Добро организирано формално образование секогаш создава одлични услови за продлабочено изучување. Формите на тоа учење се различни, од секции, додатна настава и други облици на работа.

Со години повторуваме дека државата не вложува доволно во младите таленти. Што најмногу ќе ви користи, а МОН може да го обезбеди во работата со талентирани ученици?

– МОН отсекогаш имал фунција да ги следи промените во образованието и да ги прилагоди на нашето поднебје. Како резулатат на таа анализа изучувањето математика во нашата земја ќе подлежи на реформи, трансформации како и во цел свет. МОН треба да обезбеди праведна и стимулативна средина за натпревар меѓу учениците на училишно, општинско, регионално, државно и меѓународно ниво. Ова може да го постигне преку соработка со СММ за реализација на школи, кампови, натпревари, обуки, математички фестивали и друго.

Како потоа да ги задржиме талентите во Македонија?

– За среќа, талентот никогаш не бил и нема да биде територијално ограничен, па оттаму посебно ме радува огромниот број поранешни натпреварувачи, сега мои колеги вработени на бројни истакнати универзитети од целиот свет. Ќе бидам уште посреќен ако кај оваа сегашна група натпреварувачи продолжи интересот за изчување на математиката како наука. Државата треба да најде начин овој кадар да чувствува припадност кон државата и општеството. Со задоволство можам да констаитрам дека СММ успеа во тој обид преку несебичинот ангажман на поранешни натпреварувачи кои се низ низ цел свет. Ним сакам осбено да им се заблагодарам.

Во тек се реформи во основното образование. Дали СММ и Институтот за математика беа/се вклучени во подготовките на новите наставни програми?

– На институционално ниво СММ и Институтот за математика не се вклучени во подготовката на реформите. Нашето членство ќе продолжи со учества на конкурсите за нови наставни програми, учебници, и секаков облик на соработка со институциите.

Што предизвика „Кембриџ“ во изучувањето на математиката во Македонија, а што е неопходно да се стори сега за да закрепне образовниот систем?

– Она што многу години наназад го претпоставивме заедно со моите колеги, се случи, и можам само да констатирам дека во моментов имаме генерации ученици кои задоцнето треба да разберат која е научната основа на математиката како предмет. За некои од нив тоа е скоро невозможен процес. За нив математиката ќе остане само „некаква пресметка“. Жалам што ова искуство нѐ направи скептични за која било промена. Искрено верувам дека сите ние ќе си дадеме шанса да ги промениме работите, посебно во изучувањето на математиката во основното и средното образование. Нема напредок ако не се сослушаме сите, ученици, родители, наставници, политичари.

Фото: Сојуз на математичари на Македонија

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.