Со премиерата на претставата „Фирма“ во режија на Нела Витошевиќ, а по текст на Роланд Шимелфениг, утревечер во 20 часот во Драмски театар Скопје ќе биде отворен Регионалниот театарски фестивал РУТА кој ќе трае до 8 октомври. Идејата на „Фирма“ е да се прикаже суровиот корпоративен свет, кој е огледало на капиталистичкото општество, преку конфликтни релации на шест карактери, што се тркаат за да стигнат на подобра позиција.
За Витошевиќ, ова е автор што често го поставувала и чиј јазик го разбира целосно.
– Во трката со времето и целта, ликовите се губат себеси, го губат својот социјален живот. И кога ќе се свртат некаде таму, гледаат дека нивните животи се комплетно празни, дека освен работата, сè друго оставиле во втор план и се чувствуваат крајно осамено. Капитализмот носи комплетно оттуѓување на луѓето. Со интензивирање на социјалните мрежи, мислам дека човечката релација се изгуби, мислам дека луѓето се претвораат многу повеќе во машини, тој природен допир се изгуби и на некој начин ние пробуваме да го пренесеме во претставата – истакна Витошевиќ.
Ова е трета претстава на Витошевиќ, по „Странци“ и „Мојот маж“, кои се најгледаните претстави во последните неколку сезони.
Претставата е замислена како ринг-арена во која што ликовите имаат конкретен противник, но многу често тие самите на себе си се противници. Во „Фирма“ публиката е на сцена и само 90 луѓе ќе може да следат претставата. Наменета е за публика над 16 години.
Улогите ги толкуваат: Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Розе Трајчевска – Ристоска, а изборот на музиката на Витошевиќ. Следните изведби на „Фирма“ ќе бидат на 13 и 14 октомври.
Актерите изразија задоволство што ќе играат во така актуелен текст. За Трајковиќ, најголем предизвик во претставата ќе биде физичката близина на актерите со публиката.
– Неминовно е да треба да се тргнеме делумно од театарската игра и да користиме и филмска артикулација за да се постигне поголема суптилност во претставата, што го бара самиот текст – вели Трајковиќ.
По свеченото отворање на фестивалот, на 4 октомври (среда) македонската публика ќе го проследи „Декамерон“ – на Градско позориште Подгорица во копродукција со Народно позориште Ниш. Претставата е во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски.
„Нора“ е претставата на Местно гледалишче Љубљана, Р. Словенија што ќе се игра на 5 октомври (четврток) 2023 година. Режијата е на македонската режисерка Нела Витошевиќ.
На програмата на четвртиот фестивалски ден на 6 октомври (петок) е претставата „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево. Режијата е на Дино Мустафиќ, а автор е Флоријан Зелер.
Београдско драмско позориште пред нашата публика ќе ја изведе претставата „Самрак на боговите“ в сабота на 7 октомври во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.
Со претставата „Отело“ театарот Улисис од Хрватска го затвора фестивалот РУТА во недела на 8 октомври. Режијата и е доверена на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите освен на актерите на Улисис е направена и со членовите на „Сараевски ратни театар“ од Сараево.