Неколкумина Македонци ќе го дочекаат Божиќ на Света Гора

Света Гора е едно од најважните места во Европа и во целиот свет поради неговата исклучително важна религиозна, историска и културна вредност, вели Дончо Нацев, сопственик на туристичката агенција „Арботравел“ кој веќе неколку месеци лично ја предводи турата на Света Гора.

Божиќ, еден од најголемите христијански празници, група Македонци ќе го дочека на Света Гора. Уникатно, благословено место обземено од природни убавини. Манастири со неверојатна архитектура исполенти со духовноста на монасите кои живеат таму.

– Света Гора е едно од најважните места во Европа и во целиот свет поради неговата исклучително важна религиозна, историска и културна вредност. Тоа е прибежиште, ризница на големото грчко и православно наследство – вели Дончо Нацев, сопственик на туристичката агенција „Арботравел“ кој веќе неколку месеци лично ја предводи турата на Света Гора. Тој е еден од групата која ќе го дочека Божиќ на светиот полуостров во Грција.

Манастир Пропрато

Тој последните месеци повторно почна да ги организирате тури на Света Гора. Станува збор за мали, интимни групи кои го посетуваат едно од најсветите места за христијанскиот свет во овој дел на светот. Посетители на овие патувања се претежно верници кои ги интересира верската култура и Богослужба, но има и такви кои се заинтересирани за искачување на планината Атос. Штом посетителот на Света Гора ќе стапне на Атонскиот полуостров, тој наидува на уникатна комбинација на убавина и духовност, вели Нацев.

Тоа е допир со благословено место обземено од природни убавини, уникатни архитектонски градби, обземено од доблестите на духовниот живот. Уникатни пејсажи, свети манастири со неверојатна архитектура, испосници, ќелии, колиби и доблесни монаси кои ќе го придружуваат на аџилакот за време на неговиот престој на полуостровот Атос – вели Нацев.

Скитот на св. Андреја

Поклоничките патувања во агенцијата се застапени повеќе од 15 години, вклучувајќи ги патувањата по светите манастири и цркви во Македонија и во соседните балкански земји, а до неодамна и во Израел. Идејата за започнување на програмата за посета на Света Гора дошла спонтано, преку организирање на посета на индивидуалци, пријатели на Нацев, кои преку агенцијата летувале на Атос, третиот крак на Халкидики.

Бараа да им помогнам да добијат влезна виза (диамунирио) за Света Гора. Тоа го правев со моите партнери на хотелите на Атос. Истовремено почнав да организирам крстарење со брод по ртот на Света Гора. За време на крстарењето туристите можеа од 300-500 метри да ги видат манастирите лоцирани на самото крајбрежје. За време на овие крстарења воспоставив добра соработка со повеќе монаси од манастирите. Тие доаѓаа на бродот за да го презентираат својот манастир, изнесуваа дел од моштите кои ги поседуваат во манастирите, нудеа производи што сами ги произведуваат – објаснува Нацев.

Дончо Нацев со еден од монасите

Сево ова го поттикнало да ја почне програмата „Аџилак на Света Гора“ која се состои од тридневна посета со две ноќевања во манастири или скитови. За нив имаат благослови од монашките братства, а аџиите имаат дозвола и да присуствуваат на литургии. Групите се мали, најмногу до 12 лица.

– Овие патувања се наменети за оние кои имаат желба да ја посетат Света Гора, претежно за духовни верници кои веруваат во Бога – објаснува Нацев.

Манастир Ксенофонтос

Автономната Монашка Држава Света Гора е автономна област на третиот крак од полуостровот Халкидики. Во областа се сместени дваесеттина православни манастири и поголем број скитови. Света Гора е автономна држава под грчки суверенитет каде живеат околу 2.000 монаси кои се единстевни постојани жители на полуостровот долг 60 километри, широк 7-12 киломстри зафаќа површија од 390 квадратни километри.

– Досега сме ги посетиле манастирите: Ксенофонт, Пантелејмон, Ксиропотам, Дохијар, главниот административен центар на Атос, Кареја каде што гравитираат повеќе манастири, скитови и ќелии. Токму овде е најголемиот скит, во минатото руски, а денес грчки, посветен на св. Андреја. Потоа манастирот Кутлумуш, исто така во најстариот манастир Протато каде што е сместена иконата на Богородица достојна Ест, скитот на св. Сава на манастирот Хиландар и многу други манастири – вели Нацев.

Главата на св. Андреја

Секое патување почнува од Скопје. Групите не го надминуваат бројот од 12 аџии. Такви се правилата на Света Гора. Откако веќе го имаат добиено благословот од манастирите, поаѓаат на на полноќ и се движат кон Уранополис каде што е сместена канцеларијата на Света Гора.

Таму ги добиваат влезните визи, ги земаат бродските билети и во 6.30 започнува пловењето кон Света Гора кое трае околу 2 часа во зависност од временската состојба. По пристигнувањето на крајната дестинација се упатуваат кон манастирот/скитот од кого го имаат добиено благословот за престој. Се пријавуваат и ги добиваат собите во кои ќе бидат сместени.

– Тогаш им ја презентирам агендата и правилата на манастирот, престојот, времето за одмор, присуството на вечерна и утринска литургија кои траат околу 5 часа. Ако се празнични траат и до 12 часа. По завршувањето на литургијата сите организирано заминуваме на вечера или појадок во трпезаријата на манастирот, проследена со молитва. За време на престојот во секој манастир ги запознаваме аџиите со историјата на манастирот/скитот, кои мошти на познати светители почиваат таму. За време на престојот дозволено е фотографирање на надворешниот дел на манастирите, внатре е строго забрането. Патувањата од еден манастир до друг ги организираме во зависност од одалеченоста. Или со локален внатрешен превоз или со пешачење, со магариња или мазги – објаснува Нацев.

Легендата вели дека Богородица пловела заедно со свети Јован Богослов кон Кипар, кога бурата го истуркала бродот кон тогаш паганската Света Гора. Тие биле принудени да се укотват кај пристаништето Климент, во близина на денешниот манастир Ивирон. Богородица излегла на брегот и одушевена од убавината на природата го замолила Бога да ја претвори во нејзина градина. Од тој момент планината е посветена на Мајката Божја, како нејзина градина, во која не е дозволено да стапне ниту една друга жена.

– Ова правило произлегува од стариот византиски поредок и има чисто духовна основа. Ограничувањето постои за да се зачува целосната посветеност на монасите на нивната духовна работа. Овој „абатон“ важи од почетокот на формирањето на Атонската држава. Во историјата на Света Гора постојат повеќе примери кога жени се обиделе да влезат, но уште на самиот почеток, при подигањето на влезната виза биле спречени – вели Нацев.

Овој месец „Арботравел“ одбележува 33 години работење на просторите на Македонија и во сите светски асоцијации во туризмот. Оние што го познаваат Нацев знаат за неговата духовност и хуманост. На прашањето што значат за него овие посети на Света Гора, тој вели:

– Вистинскиот човек е побожен и го почитува Бога и Неговиот Закон. На неговото лице, во неговото срце е врежана добрината и токму затоа треба да помагаме во рамките на нашите можности. Света Гора е позната многу подалеку од границите на Грција. Таа е една од најважните православни дестинации за аџилак. Ова не е само прекрасно место каде владее мир и спокојство, туку и извор на вистински чуда. Сето тоа ми дава спокој и сила за да се справам со сите предизвици – завршува тој.

Сподели