Неизложени дела од Глигор Чемерски создадени во Париз во МКЦ

Галеријата „Грал“ и Младинскиот културен центар ја организираат изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“ на реномираниот македонски уметник и академик Глигор Чемерски. Изложбата ќе биде отворена на 24 јуни во 20 часот, во галеријата на МКЦ.

– Во текот на 1980-тите и на почетокот на 1990-тите, Чемерски често престојуваше во Париз, каде што беше застапуван од галеријата Галери ди Флев (1983 – 2003). Постојано присутен на тамошната ликовна сцена, во тој период реализираше повеќе изложби во таа галерија. Најголем дел од цртежите и гвашевите претставени на оваа изложба се неизложувани дела, интимни формати од колекцијата на Галери ди Флев, создадени во тој период – велат организаторите.

Глигор Чемерски (1940- 2016, Кавадарци) сликар, графичар, мозаичар. Еден од најплодните македонски модерни автори, неговите дела се застапени во голем број на галерии и музеи во земјата и надвор од неа. Добитник е на голем број на награди и признанија. Чемерски работел и како ликовен есеист и критичар, телевизиски уредник, сценограф и костимограф. Автор е и на повеќе монументални дела: „Топла Земја“ (1971, фреска, Стопанска Банка, Скопје), „Човекот и светлината“ (1975, мозаик, ХЕЦ Вруток) „Споменик на слободата“ (1981, меморијален мозаички комплекс, Кочани), „Македонија- светла земја“ и „Македонија – земјата памети“ (2006, мозаици, Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија, Скопје) итн.
Живеел и работел на релација Скопје – Беград – Париз. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите.

Куратор на изложбата е м-р Елена Чемерска. Изложбата е поддржана од Министерството за култура, Europe House Скопје и винарија „Попов“.

Сподели