Со обуката и истражувањата раководи стручен кадар од Археолошкиот музеј во Скопје во соработка со „ТајгерГео Лтд“ и Универзитетот „Џон Морс“ во Ливерпул

На три археолошки локалитети во Македонија деновиве беше спроведена обука за недеструктивни геофизички истражувања. Во обуката беа вклучени археолози од повеќе институции од државава, а беше спроведена на Стакина Чешма и Исар Марвинци во Валандово и на Градиште кај Неготино. Со обуката и истражувањата раководеше стручен кадар од Археолошкиот музеј во Скопје во соработка со „ТајгерГео Лтд“ и Универзитетот „Џон Морс“ во Ливерпул.

Локалитетите се внимателно одбрани за да може обучуваниот кадар да ги види различните аномалии кој се појавуваат при овие истражувањата, вели археологот м-р Радомир Ивановиќ од Археолошкиот музеј.
– Овие аномалии многу зависат од типот на земјата каде се истражува и од подземните структури опфатени со овие истражувања. На локалитетот Стакина Чешма ќе се истражува на позиција која се наоѓа јужно од познатата палата, на Исар Марвинци ќе се истражува на сегмент од некрополата, додека на локалитетот Градиште Неготино во самата населба – објаснува тој.

Радомир Ивановиќ

Проектот е поддржан од Министерство за култура преку програмата за проекти од национален интерес и COST-SAGA (Soil science & Archaeo-Geophysics Alliance: going beyond prospection), една од интердисциплинарните мрежи на научници во која членуваат 87 експерти од 34 држави. Нејзина главна цел е да ги развива и промовира истражувачките активности кои ги здружуваат археологијата, геофизиката и науката за почвата.

Какви податоци добиваат археолозите

Тимот од Англија го сочинуваат Мартин и Ен Роусвер од фирмата „ТајгерГео Лтд“, реномирани и искусни геофизичари, како и професорот Дејвид Џордан, професор по геофизика од ливерпулскиот Универзитет.
– Со тимот од Англија соработката првпат почна во 2018 година. Обуката тогаш вклучуваше употреба на георадар кој е во сопственост на музејот, а со оваа обука дел од кадарот на Археолошкиот музеј се стекна со основни познавања за употребата на оваа софистицирана опрема. Од првичната обука до денес тие се наша постојана поддршка и во секој момент ни стојат на располагање за какви било проблеми со кои се соочуваме при истражувањата – објаснува Ивановиќ.

Оваа година покрај напредната обука за употреба на георадарот, опфатено е снимање и обука за работа со методот на електричната отпорност (ER). Според Ивановиќ, овие истражувања вообичаено одат рака под рака, но досега ваква обука за користење на овој метод во нашата земја не е спроведена. Податоците што археолозите вообичаено ги добиваат со геофизичките истражувања се аномалии во потповршинските слоеви на земјата кои подоцна се цел на интерпретација.
– Ако се појават серија на линеарни аномалии, тие можат да бидат интерпретирани како архитектонски остатоци, доколку има индивидуални аномалии со правилна форма тие можат да бидат дел од гробни јами или други археолошки податоци. Со овој метод археолозите можат да добијат значајни податоци во потповршинските слоеви кои понатаму можат многу да помогнат при самите археолошки ископувања без притоа да се отвараат сонди што не даваат резултати – објаснува Ивановиќ.

Западот одамна работи вака

На прашањето каква може да биде примената на недеструктивните истражувања за археолошката наука, Ивановиќ одговара дека денес во западните земји археолошко истражување скоро и не може да почне без претходни соодветни геофизички истражувања. Овој метод дава одлични прелиминарни резултати од потповршинските слоеви и може да заштеди големи средства при археолошките ископувања.
– Самото прецизирање на аномалиите (објектите, гробовите, печките и сл.) значително ни ја олеснува работата. Во најдобар случај самото тоа знаење би придонело за планско распределување на средствата и одвојување на поголем дел од буџетот за идна конзервација на веќе откопаните објекти – дециден е Ивановиќ.

 

Досега, тимот на Археолошкиот музеј има спроведено повеќе геофизички истражувања на различни локалитети како: Градиште Пчиња, Градиште – Младо Нагоричане, Градиште – Бразда, Градиште – Неготино, Големо Градиште – Коњух, Стакина Чешма и некрополите во Мали Дол, Тремник. На сите локации каде што се спроведени овие истражувања со археолошките ископувања се потврдени интерпретациите на резултатите од геофизиката.

Стакина Чешма – редок пример на луксузна доцноантичка палата

Ивановиќ е дел од тимот што во последните години интензивно работи на локалитетот Стакина Чешма во Валандово – редок пример на луксузна доцноантичка палата со површина поголема од 500 квадратни метри. Не е единствена од овој тип во нашата земја, но најдобро е истражена.

– Досега знаеме дека во оваа палата има повеќе од 10 простории, сите со мозаични подови изработени во opus sectile и opus tesalatum, ѕидовите, а најверојатно и таваниците биле украсени со различни мотиви со широк спектар на бои. Во овој случај, локалитетот е лоциран на периферијата на градот Валандово и сама по себе е повеќе од вредна за заштита, конзервација и популаризација – вели тој.

По завршувањето на геофизичките истражувања идниот месец на овој локалитет ќе продолжат археолошките ископувања. Годинава археолозите ќе ја доистражуваат просторијата пронајдена минатата сезона. Оваа просторија најверојатно ги спојува досега двата познати дела од палатата.

– Останува да ги видиме резултатите и да провериме дали претпоставките ќе се потврдат. За конзервацијата на овој локалитет надлежен е Заводот и музеј од Струмица, кој од лани почна активности за заштита и конзервација на овој редок примерок на културно наследство. Се надевам дека работите ќе продолжат со што Општината Валандово ќе добие репрезентативен локалитет, гордост на општината и на државата, а истовремено ќе ја збогати туристичката понуда на целиот крај. Потенцијалот кој го поседува оваа општина за културен туризам е огромен и со правилно управување може значително да придонесе во целокупниот развојот на Валандово – завршува Ивановиќ.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.