„Не постои држава без кинематографија“: Промоција на првата книга од Ана Василевска

Промоцијата е закажана за денеска во 18.30 часот во „Јавна соба“. Промотори на книгата се режисерите Ана Опачиќ и Даријан Пејовски

Поаѓајќи од идејата дека не постои држава без кинематографија, односно дека филмската уметност е нераскинлив дел од препознатливоста, или идентитетот на една земја, сметав дека периодот по осамостојувањето на Македонија и сите развојни политички и социолошки промени неминовно влијаеа врз филмот, потребно е тоа да биде сублимирано во четиво, документ, публикација, вели Ана Василевска, филмска критичарка и новинарка во пресрет на промоцијата на нејзината книга „Дискретниот шарм на македонскиот филм“, издание на „Македоника“ од Скопје. Графичкото решение на „Гаврош“. Промоцијата е закажана за денеска во 18.30 часот во „Јавна соба“. Промотори на книгата се режисерите Ана Опачиќ и Даријан Пејовски. Промоцијата ќе биде проследена и со џез концерт на нашите еминентни музичари со „Гоце Стевковски квартет“ во состав: Гоце Стевковски, Дарко Мучев, Филип Динев и Кирил Кузманов.

Ана Василевска

– „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ содржи сведоштва, новинарски оспервации, мала компаративност со патот кој го минале и европските кинематографии. Се надевам дека таа ќе биде и корисна лектира за идните генерации филмаџии, како и траен мемориски потсетник за оние кои учествувале во процесот на создавање на независната кинематографија во периодот од три децении. На места во книгата се поместени и критички анализи, но тие се со најдобра намера, бидејќи конечно еден така комплициран и полн со различни компоненти, создавачкиот процес, како што е правење на еден филм, не трпи круто теориско фасцикулирање. За поголема објективност на содржинита, книгата вклучува и текстови на филмологот Атанас Чупоски како и филмскиот критичар Благоја Куновски Доре – вели Василевска.

На стотини страници, од перспектива на Василевска, книгата дава опис на развојот на кинематографија во период од три децении, не исклучувајќи го влијанието, односно политичките и социолошките фактори врз промените во нашиот филм. Книгата како што вели авторката е „посветена на сите сонувачи што ги создадоа темелите на независната продукција и оние што беспоштедно ќе ги градат новите патеки“.

„На што можеа тогаш да се потпрат оние кои функционираа во дотогашниот организиран филмски систем, кој можеби не беше идеален, но беше единствено познат? И тука, точно како обид да се занимаваш со сервисирање вселенски летала во земја во која нема ниту авионска индустрија, земја втурната во транзиција и економска несигурност, почнаа да се реорганизираат тие филмски честички и да создаваат нова филмска историја. По три децении, храброста и лудоста на оние кои ги поставија темелите на независните продуцентски куќи оформија ново соѕвездие кое има достојно место на филмското небо. Овие редови немаат амбиција да калкулираат или, пак, да поентираат во празно, туку се обид да дадат еден базичен приказ на сите бури и мирни мориња што ја заплиснаа нашата кинематографија во изминатите триесет години“, се вели на почетокот на книгата.

Според рецензентката на книгата, Ана Кубин, книгата стручно ги истакнува сите причини и последици од македонското филмско творештво од 1991 до 2021.

– Тоа се години на политички премрежиња, на уметничко деморализирање, на општествено девалвирање, но и на одлучната македонска борба да се опстои, па дури и во филмска смисла, да се пронајде вистинскиот филмски збор, да се направи оптимален филмски избор, во разбрануваното море неприлики, оти ние сме борбен народ, нели. На страниците на „Дискретниот шарм на македонскиот филм“, поместени се и историографски, но и статистички податоци за конкурентноста на македонскиот филм на најзначајните филмски натпреварувања – вели Кубин.

Книгата е илустрирана со плакатите од филмовите, што претставува нивна прва систематизирана објава на едно место, а вклучени се сите достапни плакати во архивата на Кинотеката.

Ана Василевска (Скопје, 1975 година) е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје. Со професионално новинарство насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Авторка е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција. Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонски филм 2019-2023 година. Медиуми во кои работела: Македонска телевизија, Дневник, Форум, Макфакс, Радио Равел, А1 он, Нова ТВ веб и други. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга. По промоцијата, книгата ќе биде достапна во книжарниците.

Сподели