Ако сакаме да го промовираме македонскиот јазик и македонската книжевност во светот – првиот чекор е да понудиме поддршка која ќе биде слична на онаа што ја даваат соседите. Инаку, не можеме да очекуваме поголемо поместување во однос на преводите на нашите дела во Европа и светот – вели Билјана С. Црвенковска.
Во моментов она што нѐ обединува во регионот е книжевноста и уметноста, а нѐ разделуваат само политиките и политичарите. На полето на книжевноста и уметноста сите соработуваме меѓусебно и се поддржуваме, остваруваме заеднички проекти, се поврзуваме како уметници, се каниме на фестивали и конференции, разменуваме
искуства. Да, литературите на соседите се приближуваат и првиот чекор за да се излезе на другите европски пазари е да се биде присутен (значи преведуван и издаван) во регионот – вели писателката Билјана С. Црвенковска. Таа е една од
најактуелните и читани писатели за деца од Македонија, но во последните години се фокусира и на литературата за возрасни. Ја основа и е главна уредничка на издавачката куќа „Чудна шума“. Нејзин прв роман за возрасни е „Девет приказни за госпоѓица Сит“, со кој влезе во најтесен избор за наградата Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 година. Германското издание на оваа книга неодамна беше промовирано и на големиот Саем на книгата во Франкфурт. Во 2020 го објави романот „Куќа на брановите“. Член е на Друштвото на
писателите на Македонија.

Фото: Кире Галевски
Неодамна во рамките на Големиот саем на книга во Франкфурт имавте промоција на вашето издание, романот за возрасни „Девет приказни за госпоѓица Сит“. Какво искуство беше оваа средба со една нова публика, ново јазична средина?
– Германското издание на романот беше првпат промовирано на саемот на книга во Лајпциг, во март годинава, а сега беше промовирано и пред публиката на саемот во Франкфурт. Се работи за два многу различни саеми, Лајпциг е повеќе фокусиран на авторите и книжевните дела, целосно отворен за публиката и дише со духот на книжевноста, додека Франкфурт е претежно бизнис саем кој се отвора за публика последните денови.
За мене саемот во Лајпциг беше вистинското откровение, затоа што таму, на промоцијата на романот во театарот „Нато“, дојдоа околу педесет луѓе – што за непозната авторка од Македонија е огромен успех. Истата вечер, подоцна, во театарот „Лофт“ гостував со уште неколку автори од источна и централна Европа, меѓу кои и Барби Марковиќ и Фарук Шехиќ, и во публиката имаше 250 луѓе со платени карти. Тоа што се случува во Лајпциг и воопшто германската читателска публика е нешто што секој автор може само да го посака. Тие ги читаат книгите, слушаат внимателно на читањата, се интересираат и поставуваат прашања. Наидов на купишта рецензии од германски букстаграмери и букблогери за мојот роман, некои многу позитивни, некои понеутрални, имаше дури и една девојка што напишала дека за неа тоа е романот на годината. Тоа е за мене најголемиот успех и нешто што ретко го доживувам како автор кај нас.
На саемот во Франкфурт годинава исто така имав два настани, едниот на самиот саем, во халата на германските издавачи, а другиот во еден женски центар во градот, како вечерен настан. Не беа толку успешни како настаните во Лајпциг, но сепак мене ми значи секоја промоција и секој читател до којшто ќе стигне мојот роман. Една од читателките од настанот од женскиот центар ми напиша порака на е-пошта – дека почнала да чита и дека романот ја обземал – што е прекрасно да се слушне. Во секој случај многу позитивни искуства кои ми даваат надеж дека постојат читатели насекаде, само треба да се потрудиме да дојдеме до нив.

Фото: Thomas Meinicke
Вашите книги веќе се преведувани на српски, хрватски, словенечки… Се приближуваат ли се’ повеќе литературите на соседите? Имате ли таков впечаток?
-Мислам дека во моментов она што нѐ обединува е книжевноста и уметноста, а нѐ разделуваат само политиките и политичарите. На полето на книжевноста и уметноста сите соработуваме меѓусебно и се поддржуваме, остваруваме заеднички проекти, се поврзуваме како уметници (на пример, да ја споменам мојата прекрасна соработка со
хрватската илустраторка Хана Тинтор), се каниме на фестивали и конференции, разменуваме искуства. Да, литературите на соседите се приближуваат и првиот чекор за да се излезе на другите европски пазари е да се биде присутен (значи преведуван и издаван) во регионот.
Но, соседите (или барем дел од нив) работат многу сериозно на промоција на сопствената книжевност и сопствените автори во Европа и во светот, преку фондови за поддршка за превод и издавање на преводна литература, претставување на своите автори на саемите во Франкфурт, Лајпциг, Болоња… и други активности.
Македонската асоцијација на издавачи се обидува да држи чекор со нив, се направија многу сериозни поместувања за презентирање на авторите и нивните дела на саемот во Франкфурт, имавме одличен, впечатлив штанд, дури два каталога за претставување на македонската книжевност – првпат годинава излеговме со каталог за литература за деца и
млади и претставување на авторите и илустраторите, се направи и веб страница… Но, за да се направи посериозна промоција на македонската книжевност, потребна е ревизија и силна промоција на конкурсот на Министерството за култура и туризам за поддршка на преводи на македонските дела на странски јазици. Овој конкурс (или фонд, како и да го именуваме) е клучен за тоа. Словенците и Хрватите така ја промовираат својата книжевност, Бугарите исто така имаат многу сериозен национален фонд. Ако сакаме да го промовираме македонскиот јазик и македонската книжевност во светот – првиот чекор е да понудиме поддршка која ќе биде слична на онаа што ја даваат соседите. Инаку, не можеме да очекуваме поголемо поместување во однос на преводите на нашите дела во Европа и светот.

Фото: Катерина Шекутковска
Вашата сликовница „Нела Смела и Бушавата Бура“ од пред два месеца е преведена на словенечки и на хрватски јазик, како дел од проектот „Планета Надеж: Нова европска проза“, како дел од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Верувате ли дека ваквите заеднички проекти меѓу автори и издавачи од земјите од регионот, можат да ги прошират нашите мали книжевни пазари?
– Апсолутно. Тоа е вториот начин на поврзување, преку овие проекти. Но, таквото поврзување не е нималку лесно и треба да најдеш вистински, сериозни партнери на кои ќе им веруваш, издавачи со кои делиш слична визија, стратегија, имате слични естетски критериуми и пред сѐ ист професионален пристап кон она што го работите. Конкуренцијата е огромна и е прилично тешко да се аплицира, а потоа и реализацијата на проектот бара огромен ангажман. Сметајте дека треба тројно повеќе работа – но, впрочем, тоа е и генералната идеја, нели? Да се промовира книжевноста на „малите“
јазици и да се прошират малите книжевни пазари. А за да се постигне тоа, треба многу, многу работа.
„На балконот на Балканот“ е проект на порталот AirBelletrina од Словенија, кој обединува автори од регионот, токму со намерата да ги зближи авторите од регионот. Ни требаат ли повеќе вакви соработки? Се познаваме ли доволно во регионов?
-Ваквите соработки се клучни и мислам дека не се познаваме доволно. Да, има автори што ги познаваме и ги сакаме и ги цениме, сите ги знаеме, на пример, Миљенко Јерговиќ и Славенка Дракулиќ и сме ги читале, секако, но што е со помладите автори? Ние, во „Чудна шума“, откривме неколку одлични млади авторки од регионот кои имаат фантастични книги и во моментов работиме на преводи на нивните дела. Тука е одличната словенечка
авторка Тина Вршчај, потоа босанската авторка Михаела Шумиќ, бугарската авторка Димана Јорданова, и други. Потребни ни се ваквите соработки за да откриеме и други, нови, непознати автори и за да се поврземе.
Неодамна влеговте во потесниот круг на награда „Штефица Цвек“, награда што дава простор за афирмација на гласови што ги поместуваат границите на литературата и општествениот ангажман. Ви значи ли ова признание? На што ве „обврзува“?
– Искрено, воопшто не очекував дека ќе влезам во финалниот избор „Штефица Цвек“ и многу се израдував кога тоа се случи, а се израдував што сме и токму јас и Румена од Македонија. Признанието „Штефица Цвек“ ми значи, повеќе од многу други награди и од повеќе причини: пред сѐ затоа што станува збор за регионален избор, каде што и жири-
комисијата доаѓа од регионот и е различна во двата круга на изборот – мислам дека самото тоа претставува една сериозност во изборот и поголема објективност; втората причина е дека „Штефица Цвек“ не е награда што ја добива еден, не е компетитивна, туку е избор од повеќе (во случајов седум) дела од регионот, и ти си тука заедно со многу
други автори. Интересно беше што некои од нив воопшто не ги познавав и по изборот се заследивме на социјалните мрежи и сега знаеме повеќе еден за друг, верувам дека и ќе си ги прочитаме заемно делата, а и дека на повидок се можни соработки.
А за тоа на што ме обврзува „Штефица Цвек“ – да продолжам во правецот што сум го зацртала во „Приказни за Sунливото Море“ но и во голем дел од моите други дела за деца и за возрасни – да се обидувам да влијаам на создавање на правилни ставови и отворен ум за многу клучни општествени прашања, да се борам против сите видови
дискриминација и насилство, да се залагам за прифаќање на различностите и инклузија и да се бунтувам колку што можам против неправдите. Ете, една од работите на која се обврзувам е да бидам побунтовна, барем во она време кога не работам во рудниците на издаваштвото во Македонија, хаха… а ако не успеам да излезам на улица, барем тоа да го
правам преку книжевноста.

Фото: Катерина Шекутковска
Вие ја работите издавачката куќа „Чудна шума“, што се издвојува по тоа што е фокусиран на литературата за деца, но и за возрасни и особено внимателно избира што ќе објави. Како изгледа животот на еден мал издавач во земјава?
-Се трудиме внимателно да избираме што ќе издаваме, ама не секогаш ни успева тоа, ха, ха… Искрено, мислам дека ни треба посериозна селекција на делата што ги издаваме, затоа што, како што споменавте, ние сме мал издавач. На моменти сме претрупани со премногу наслови, а не можеме да го прошириме нашиот тим. Едноставно, со она што во
моментов го добиваме како поддршка и со целото стеснување на пазарот на книги во Македонија (да бидеме реални, книгите сѐ помалку и помалку се продаваат), немаме начин да се прошириме во областа на издаваштвото, туку мораме да изнаоѓаме други начини како да преживееме, влегувајќи во други области – тоа е задолжение на мојот партнер Кире Галевски кој доаѓа од сферата на визуелните уметности. Тој ја прошири дејноста на „Чудна шума“ во областа на традиционалните и дигиталните уметности и целиот спој е креативен начин на преживување, хаха… Се смеам затоа што едноставно животот како издавач, писател, уметник кај нас не е воопшто лесен, но не знам што би
требало да работиме за да биде лесен? Ние сме луѓе од културата и не можеме да продаваме пиперки. Можеби некој може (или може да гледа на оваа работа како продавање пиперки), но ние не сме таков сој. Не верувам дека поддршката што ја добиваме од Министерството за култура и туризам може значително да се зголеми во догледно време (има мали поместувања во буџетот, но тој во одреден момент премногу се скрати, па сега секое зголемување е незначително),
затоа што, за тоа сме свесни сите, нема пари. Но, постојат, повторно ќе речам, креативни начини како тоа да се реши, со одделување на буџет во културата и образованието за фондовите на библиотеките, и – најважно од сѐ, на училишните библиотеки – тие да можат да набавуваат книги што не се само задолжителна литература. Потоа, поддршка за
авторите – определување на буџет за гостување и претставување на македонските автори во библиотеките и училиштата надвор од Скопје. Авторите не можат веќе да работат без хонорар. И многу други нешта, има работи што можат да се направат да ни го олеснат животот на сите, а целото општество да добие од тоа.
Што ново подготвувате периодот? Дали пишувате можеби нов роман за возрасни или нова книга за деца?
– Постојано пишувам нешто, што за мене, што како автор-хонорарец, од тоа нема бегање. Никако да го завршам третиот роман за возрасни, но не брзам, едноставно имам многу друга работа, а романот бара повеќе време и фокус. Но, во меѓувреме подготвувам неколку нови сликовници со различни илустратори, тоа и ме релаксира и ме исполнува, а
на крајот секогаш сум пресреќна кога ќе ја имам книгата во рака.
Насловна фотографија: Томас Маинике





