Не можете така лесно да влезете во светот на Тим Бартон. Него го гледате на сет многу малку. Треба да бидете многу брз за да го стигнете. Но, кога ќе му кажете идеја, ќе ви каже, да размислам, дојди утре. Тој е во негов свет и вие само се обидувате да го следите, не можете да влезете – вели Бруно Делбонел, лауреат на наградата „Златна камера 300“ на неговиот мастер-клас што се одржа вчера во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.
Се бараше место повеќе во салата на киното „Манаки“, за да се слушне повеќе за животот на Делбонел и за неговата кариера. Разговорот го водеше кинематограферот Најџел Вотерс, долгогодишен пријател на фестивалот, кој истакна дека токму францускиот кинематографер му е омилен.
Кога го снимавме филмот „Амели“, во тоа време не мислев дека правам нешто посебно, немав такво чувство. Не ме водеше мисла „Е сега ќе направам нешто извонредно“. Но, сепак бев среќен во тоа време кога го снимивме филмот, истакна вчера големиот Бруно Делбонел, во преполната сала на киното Манаки во Битола. Тој истакна неколку пати дека не знае што е тоа стил или што го прави него посебен, дека на фотографијата на филмот гледа како на културолошко патување, односно учи од сите учесници во филмот, многу истражува на секоја тема што треба да ја работи.
Скромниот Делбонел, на почетокот на средбата за себе кажа дека е само кинематографер, татко и обичен човек. Тој со филмот „Амели“, на 44 години, достигнува светска слава и во овој филм креира визуелно маестрално ремек-дело, рефлектирајќи го бајковитиот, обично – необичен свет на Амели. Публиката погледна неколку сцени од „Амели“.
-Тоа беше третиот по ред игран филм на кој имав работено. Тој филм ми го промени животот, филмот имаше голем успех. Бев среќен кога го снимивме филмот. Тоа беше пред 25 години. Употребив 4 филтри за да ја добијам таа крваво црвена боја во филмот. Повеќе нема да го правам тоа“, на шега рече Делбонел.
Тој кажа дека кога би требало сега да го сними истиот филм, не би го снимил воопшто на истиот начин. Но, поентата е, како што додаде, да се расте, да се созрева и да не се прават истите работи повторно.
– Ако филмот е добар, сите го слават режисерот и кинематограферот, но ако филмот не е добар, тогаш велат дека режисерот не чини, а кинематограферот никој не го спомнува и тоа е добро“, се пошегува Делбонел.
Бруно Делбонел е најновиот член во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“. Изодувајќи го патот од лауреат на Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност, што фестивалот „Браќа Манаки“ му ја додели во 2011 година, по 13 години Делбонел им се придружува на светските кинематограферски великани, сега закитен со „Златна камера 300 за животен опус“.
Роден е во 1957 година во Нанси, Франција. Студирал филозофија на Сорбона, а дипломирал во 1978 година на ESEC (Ecole Superieure d’Etudes Cinematographique), популарна и ценета школа за кинематограферски студии во Париз. По дипломирањето, Делбонел пројавил афинитет и кон режија, па во 1989 година го режира долгометражниот документарен филм инспириран од светот на циркусот – „Големиот циркус“, но потоа ja продолжува својата кариера како кинематографер, создавајќи завиден опус во соработка со многумина значајни француски и светски режисери.