Тежиштето на празникот треба да се стави на Богојавленската литургија во црквите, литиите и осветувањето на водите – фрлањето на крстот е третиот, но најмалку битен елемент во рамките на оваа религиска манифестација, вели социологот, проф. д-р Матевски
Доколку жените учествуваат во Богојавленската литургија рамноправно со мажите не гледам никаква логичка или основана причина зошто не би можеле да се фрлаат по крстот. Суштината на проблемот е што целата религиска манифестација за Богојавление – Водици е изместена од својата суштина. Тежиштето треба да се стави на Богојавленската литургија во црквите, литиите и осветувањето на водите, вели проф. д-р Зоран Матевски, раководител на Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје. Со Матевски, чии истражувачки интереси се социологија на религија, улогата на религијата во мир и конфликт, религиски дијалог и соработка разговараме за суштината на прославувањето на празникот, но и за улогата на жените во христијанството.
Проф. д-р Зоран Матевски
Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Богојавление познат и како Водици, после Божиќ и Велигден најмасовно почитуваниот верски празник во Македонија. Зошто е толку важен меѓу верниците денес?
– Секоја религија има свои фундаменти на кои е поставена. Доколку ги нема, таа ја губи вистинската смисла и значење. На пример, доколку Исус Христос не воскреснал (според христијанското верување), христијанството не би ни постоело. Слична е ситуацијата и со раѓањето на Исус Христос, како и со неговото крштевање во реката Јордан, од страна на св. Јован Крстител. Заради тоа овие христијански фундаменти се претворени во религиски ритуали. Една од суштинските функции на ритуалите е континуирано и лонгитудинално да се потсетуваат верниците на овие настани. Затоа секоја литургија завршува со евхаристија (светата причест), каде што преку лепчето (симбол на Христовото тело) и виното (симбол на Христовата крв), верниците постојано се потсетуваат на распнувањето и воскреснувањето на Исус. Тоа треба да се инкорпорира во свеста на верниците.
Фото: Златко Менкиноски / Википедија
Заради исти причини, секое дете треба да биде крстено; во одредени денови во годината водата се осветува и водата во религиските храмови секогаш е осветена. Со тоа се потенцира во свеста на верниците дека крштевањето е еден од најзначајните фундаменти во христијанството. За да го потенцираат ова, православните христијански религиски институции го одбележуваат празникот Богојавление со осветување на водите, а некој од нив го збогатуваат овој чин со фрлањето на крстот. Во католичкото и протестантското христијанство овој празник се прославува на друг начин.
Овој празник беше подлошка за неколку филма во последните години кои постигнаа големи успеси на меѓународни фестивали. Еден од нив го обработува прашањето дали жените смеат да учествуваат во обичајот да го фатат крстот. Што вели религијата за ова прашање, а што социологијата?
– Ова прашање нема подлабока теолошка основа и објаснување. Доколку жените учествуваат во Богојавленската литургија рамноправно со мажите не гледам никаква логичка или основана причина зошто не би можеле да се фрлаат по крстот. Суштината на проблемот е што целата религиска манифестација за Богојавление – Водици е изместена од својата суштина. Тежиштето треба да се стави на Богојавленската литургија во црквите, литиите и осветувањето на водите.
Сцена од филмот: „Господ постои, името ѝ е Петрунија“
Фрлањето на крстот е третиот, но најмалку битен елемент во рамките на оваа религиска манифестација. Во исто време е и доста проблематичен од религиски аспект затоа што се комерцијализира во најголемиот дел на епархиите на МПЦ-ОА. Значи акцент се става на оној дел во кој има најмалку свето, а најмногу световно. Во Русија на пример, само се осветуваат водите на отворено, во кои потоа влегуваат верниците и го обавуваат симболичното капење. Во овој чин рамноправно учествуваат и мажите и жените. Фрлањето на крстот се смета за пагански обичај. Како и да е, забраната да се фрлааат жените по крстот е многу проблематична.
Ова се прашања стари 2.000 години. Каква е улогата на жените во православното христијанство и како низ историјата се развивале улогите на двата рода?
– Улогата на жената во целото христијанство е голема. Ако го имаме предвид фактот дека Исус Христос е Божји син (Богочовек), тогаш доаѓаме до заклучок дека најзначајната човечка фигура во Христијанството е жена. Тоа е Марија од Назарет или Богородица. Култот кон Богородица по интензитет е веднаш по Светото Тројство (Отецот, Синот и Светиот Дух). Исто така првата личност на која и се јавил Исус Христос по неговото воскреснување е жена (Марија Магдалена). Проблемот е во тоа што религиските организации се најконзервативните институции во општеството.
Сцена од: „Господ постои, името ѝ е Петрунија“
Вие не можете да очекувате од православните цркви во светот да се модернизираат на начин како што се модернизираат општествените институции во однос на рамноправноста на родовите улоги. Родовата рамноправност не е до крај решена на задоволителен начин и во најразвиените демократски држави во светот. Исто така православните цркви најчесто дејствуваат во патријархални средини какви што се Македонија, Србија, Грузија, Романија, па и Русија ако сакате. Затоа е сосема очекувано, жените кои ќе завршаат Богословски факултет сè уште да не можат да бидат свештеници. Но, немојте да заборавите дека женските манастири се носители на монашкиот живот во многу земји на православната екумена.