Народната банка и Сојузот на математичари на Македонија склучија Меморандум за соработка во доменот на финансиската едукација, за потребите на Македонската економска олимпијада (МЕО) која годинава за првпат ќе се организира во земјава. Олимпијадата ќе се одржи во мај, а најуспешните ученици ќе се натпреваруваат на Меѓународната економска олимпијада, на крајот на јули годинава.
– Народната банка поддржува проекти за финансиска едукација на учениците и презема бројни активности за зголемување на финансиската писменост кај младите. Затоа остваривме соработка со Сојузот на математичари на Македонија, чија цел е откривање, поддршка и поттикнување на натпреварувачкиот дух на учениците со особен талент и знаења од областа на економијата, финансиите и бизнисот. Народната банка ќе сподели знаења, вештини и информации за учениците и за нивните ментори, заради зајакнување на финансиската едукација. Соработката ќе се остварува преку обуки и обезбедување едукативни материјали за подготовка на учениците од средното образование – велат од НБРМ.
Државната економска олимпијада, којашто ќе се одржува на годишно ниво како натпревар меѓу учениците од средното образование, е наменета за поттикнување и продлабочување на знаењата од економијата, финансиите, бизнисот и примената на математичките модели во економијата. Меѓународната економска олимпијада e престижен меѓународен натпревар по економија за учениците од средното образование, којшто се одржува од 2018 година наваму.