На конференцијата „Наука за развој, заедно е возможно“ учествуваа деветмина доктори на науки и тројца актуелни министри

По 10 години, науката во Македонија се мрда од мртва точка. Вложувањето во научноистражувачката дејност само по себе е голем напредок, но нема ништо да значи ако не продолжи. Затоа оваа определба не треба да биде на ниво на владејачка партија, туку на национално ниво, велат научиците кои вчера учествуваа на конференцијата „Наука за развој, заедно е возможно“. Пред почетокот, сите оддадоа почит со едноминутно молчење за жртвите во трагичната автобуска несреќа во Бугарија, во која починаа 46 македонски државјани, а седуммина се повредени.

На конференцијата учествуваа деветмина доктори на науки и тројца актуелни министри. Мила Царовска, министерката за образование и наука ги презентира резултатите од јавниот повик преку кој МОН додели пари за унапредување на условите во лабораториите на високообразовните и научните установи. Од вкупно 67, прифатени се 44 апликации. Се работи за тригодишни проекти во вкупна вредност од 318 милиони денари, од кои МОН обезбедува 224 милиони.

Академик Александар Димовски

Проф. д-р Александар Димовски од Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ во Македонската академија на науките и уметностите рече дека веројатно не постои научник во Македонија кој не се радува на оваа иницијатива.

– Имавме нешто слично пред 10 години. Тргна, застана. Како „оптимист со искуство“ (песимист), не верував дека ќе дојдеме до овде. Ова е фантастична основа да ги мрднеме нештата од нулта точка. Во изминатите 10, односно 30 години, со мали изблици на добра волја, тие што се бавеа со наука, што живееја од наука, се мачеа да преживеат и да го оправдаат своето постоење. Искуствата велат да не го правиме тоа како минатиот пат. Да го направиме како што треба, да не биде еднократна иницијатива. Фантастична е, супер е, неопходна е – рече Димовски.

Ако купите „формула 1“ не може да ја возите како „фиќо“

Тој објасни дека опремата што била купена пред 10 години сега е стара, но како секој нов автомобил, старее. А тоа е особено очигледно кога современата опрема се менува на секои 2-3 години. Академик Димовски пластично ја објасни неопходноста од нова опрема и стручен кадар.

– Ако купите „формула 1“, ја имате, се фалите, но не може да ја возите како „фиќо“. Мора да имате некој како Шумахер. Ви требаат гуми на секои пет круга, постојано трошите гориво, правите редовен сервис и за 4-5 години мора да купите нов болид за да бидете компетитивни и да вртите во кругот со останатите. Ја гледам желбата и верувам дека ќе биде догорочно. Ова треба да биде национална определба, не само политичка. Не да велиме дека наредната година со 3% финансираме наука, па дојде некој друг на власт и процени дека нема пари. Ова треба да ни биде приритет и само така ќе има успех. Сите земји каде што сакаме да стигнеме, таму се зашто вложиле во знаење, во наука. Тоа не е нешто апстрактно. Апликативната наука е само примена на сознанијата што ги имате. Едно време се базични, па стануваат апликативни. Но, општеството мора да биде базирано на вистински, мерливи знаења. И тука ние како професори мора да бидеме малку покритични кон себе, малку посторги, да не правиме компромиси што досега моравме и бевме принудени да ги правиме. Верувам дека оваа иницијатива нуди простор да создадеме систем и да ги исправиме нештата и да ги носиме во права насока – рече Димовски.

Проф. д-р Тодор Серафимовски

Царовска потенцира дека за наука, истражувања и иновации се актуелна тема во нашата земја, за која се зборува како никогаш досега.

– За само три години буџетот за наука е зголемен двојно и сега изнесува над 400 милиони – рече Царовска.

Науката е скапа работа

Според проф. д-р Тодор Серафимовски од Националниот совет за високо образование, конечно високото образование почна да се наметнува иако долги месеци, години биле критикувани дека државата оди напред, а академската фела молчи.

– Националниот совет кој се формира пред неколку месеци, интернзивно работи за да ја сложиме легислативата. Од една страна имаме Закон за високо образование кој секогаш ветува, а потоа ги гледаме недостатоците, а Законот за научноистражувачка дејност кој неопходно мора да се менува. Мора да има добра врска меѓу овие два закона зашто постојат пречки што не дозволуваат да се реализира тоа што сме го замислиле – рече Серафимовски.

Тој рече дека висок е процентот на прифатените апликации на повикот на МОН и ги охрабри одбиените повторно да се пријават. Според Серафимовски, најголем дел од научноистражувачката дејност кај нас е вградена на факултетите.

Проф. д-р Александар Скепаровски

– Ова е значајно заради импулсот што ќе го добијат факултетите покрај образовната, да ја развиваат и научноистражувачката дејност. Тука е подзаборавениот, апликативен столб, екстремно значаен за поврзување со реалниот сектор. Предност имаат техничките факултети, но компаниите не можат да го замислат процесот на работа без факултетите и новите истражувачки центри. Ако тука застанеме, имплицираме застој и во реалниот секотор – рече Серафимовски.

Модератор на првиот панел насловен „Вложувања во развој на науката“ беше проф. д-р Александар Скепаровски, декан на Природно-математичкиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Тој рече дека сите се свесни за значењето на науката и општиот развој на општеството. Таа е двигател на економскиот раст, има непосредно влијание врз животниот стандард на граѓаните, но за развој се неопходни континуирани систематски вложувања.

– Науката е скапа работа. За жал, во изминатите десетина години во нашата земја состојбата е во стагнација, со минимални односно никакви вложувања за развој на научната мисла. Затоа неодамнешниот конкурс за опремување на лабораториите пријатно нè изненади, поттикна надеж дека оваа состојба ќе се менува – рече Скепаровски.

Се менува политиката и свеста за значењето на науката

Според проф. д-р Фатмир Бесими, министер за финансии, човекот, неговиот квалитет на живот и придонес е централниот дел на развој на едно општество, без разлика дали од социјален, економски или научен аспект. Инвестициите во образованието и развојот на науката се секојдневна потреба и дологочна цел.

– Во центарот на кое било општество и цивилизицаија е развојот на човекот, неговото знаење, подобрувањето на животот и креирањенови перспективи. Тука и науката и образованието го даваат својот прилог. Од аспект на креирање политики на раст во период кога се соочуваме со голема човечка и економска криза, сите нешта водат кон едно: тоа што нè спаси од поголеми трагедии во пандемијата е науката. Таа е најисплатлива инвестиција – рече Бесими.

Проф. д-р Зехра Хајруали-Муслиу

Проф. д-р Владимир Мијаковски од Техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола доаѓа од институција која е еден од 44-те добитници на проекти од МОН.

– Одобрен ни е проект од линија-1, акредитација на лабораторија. На оваа идеја размислуваме десетина години. Почнавме да ја креираме во 2011, но не бевме силни финансиски да го решиме проблемот. Таа можност ја имаме сега, да ја реализираме идејата. Драго ми е што чув дека ќе продолжи финансирањето, ќе се дооформуваме – рече Мијаковски.

Според проф. д-р Зехра Хајруали-Муслиу од Факултет за ветеринарна медицина при УКИМ во Скопје, значењето, финансирањето, вложувањето во науката е прашање што го засега секој научен работник. Секогаш е актуелно прашањето дали доволно се вложува во науката.

– Но, менување на политиката и свеста за значењето на науката се чекори за поздрав. Свесни за финансиската состојба во нашата држава која сепак наоѓа сили и можности за финансирање на научноистражувачки проекти е за поздрав – вели Хајруали-Муслиу.

Примената на науката во реалниот живот

Доц. д-р Ирена Рамбабова-Бушлетиќ, од Медицински факултет при УКИМ доаѓа од клиничката дејност, клиничка нефрологија. Таа потсети на состојбите во изминатите две години, кога медицинските работници го живеат веројатно најтешкиот период што може еден доктор или медицински работник да го доживее, соочувајќи се со големи трагедии на своите пациенти.

Доц. д-р Ирена Рамбабова-Бушлетиќ

– Во тешки услови успеавме да се вклучиме и во научната дејност, инкорпорирани во работата на Медицинскиот фалултет и на УКИМ. Целта е единствена – да се подобри квалитетот на третманот на нашите пациенти. Во последните десетина години немаше вложувања во науката. Сепак, веќе 2-3 години успеавме на клиниката да добиеме и да релизираме научноистражувачки проект. Добивме уште еден, работиме и на друг во соработка со Фармацевтскиот факултет. Горди сме што и во вакви услови работиме и размислуваме за наука – рече Рамбабова-Бушлетиќ.

Проф. д-р Дејан Мираковски од Факултетот за природни и технички науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип го модерираше вториот панел, насловен „Апликативна наука“.

– Тоа е примената на науката во реалниот живот. Апликативната наука е примена на современи научни сознанија во решавање на проблеми од реалниот живот. Ако порано имало голема разлика помеѓу инженерските струки и медицината, во поново време тие граници се избришани. Денес веројатно не постои наука што не помага во реалниот живот – рече Мираковски.

Академик Александар Димовски: Догодина ова време ќе почнеме да ја забораваме оваа чума

Најкласичен пример за апликативната наука денес се вакцините, рече академик Александар Димовски.

– Денес немаше да имаме ни „Фајзер“, ни „Модерна“, ако тие ова не го работеа во изминатите 20 години. Го имаат системот, можеби не за оваа, туку за други болести. Во два месеца ја имаа вакцината и ја понудија. Ова е револуција за тие што знаат што значи вакцина. Затоа сега имаме шанса за борба со оваа чума. Моите предвидувања се дека догодина ова време полека ќе почнеме да ја забораваме, ако не дојде нешто што не треба. И сево ова е благодарение на некој што 20 години вложувал во таа технологија – рече Димовски.

Радмила Шекеринска, министерка за одбрана, рече дека НАТО алијансата често се дефинира како најмоќен воено-политички сојуз, но ако се погледнат бројки, долго време е најбогатиот сојуз кој своите почетоци ги почнал со инвестирање во науката.

– Сè почнало од еден одбранбен пронајдок пред 60 години, со инвестиција во некаков одбранбен капацитет. Истата таа алијанска на последниот Самит во Брислел беше децидна дека ако не продолжи да инвестира во наука и технолошки развој, може да ја изгуби таа технолошка предност во однос на своите конкуренти – вели Шекеринска.

Додека ние се занимаваме со примената на науката, светот е насочен на иновации

Проф. д-р Марина Стефова од Институтот за хемија при ПМФ зборуваше за поврзаноста на применетата и базичната наука, каде нема остра граница. Институтот за хемија негува долга традиција на научноистражувачка наука, повеќе во базичната, фундаментална наука.

– Но светските трендови нужно доаѓаат и до нас и водат кон истражувања на примена на претходно добиените знаења. Нема дистинкција. Кога има базична наука, истражувањата можат лесно да преминат во применети. Овој правец не случајно е светски и треба да го следиме – рече Стефова.

Проф. д-р Марина Стефова

Таа потенцира дека поддршката е неопходна за какви било истражувања, бидејќи во последните десетина година таа била минимална или воопшто не постоела.

– Опстанавме истражувачки групи и лаборатории благодарение на љубовта кон работата и желбата да се оправда своето постоење, барајќи начини како тоа да се направи. Неопходна е поддршка и на подмладокот, на инфраструктурата и во научноистражувачки проекти. Колегата вели дека треба Шумахер, ама потребни се и резервни делови. Во сите три домени не стоиме добро. Останува надежта, која повторно ни е разбудена. Целосно ја поддржуваме иницијативата на МОН насочена кон развој на научноистражувачки проекти. Се надевам дека ќе стане стратегија за понатаму, а нема да биде инцидентно, како што беше порано. Се надевам дека и понатаму ќе можеме да очекуваме ваква поддршка, во однос на стратегија за вложување во областа на науката, на која ќе можеме да ги градиме нашите планови и согледувања. Притисокот за грижата за младите да продолжи, зашто тие се неопходен елемент за функционирање на научноистражувачката дејност – рече Стефова.

Според проф. д-р Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологи (ФЕИТ) при УКИМ, додека се зборува за третиот столб на универзитетот – апликативна наука, светот работи на четвртиот столб – иновации.

Проф. д-р Димитар Ташковски

– Денес не може да се замисли факултет и универзитет без иновации. Кај нас е застанато на третиот столб – апликацијата. Дали е поради нас, индустријата или стопанството кои тоа не сакаат да го прифатат. Има многу неодговорни прашања во апликативната дејност. Во сите дискусии се жалиме дека 30 години не се правело нешто, но вложувавме во наука. Ако сакаме да правиме апликации и иновации, не можеме да го скокнеме тој чекор. На факултетите го имаме знаењето, тоа никој не може да ни го земе. Прашање е на конкретната примена. Не можете да добиете опрема и таа да биде предмет на знаење. Мора да го стекнете – рече Ташковски.

За среќа на голем број институции го има тоа знаење и имаме добра иднина, ако се спакуваат сите елементи како што треба, додава Ташковски. За жал, стопанството е такво што не може или не сака да ги прифати знаењата што ги има науката.

– Стопанството е на ниво купи-продај и носи приходи, но долгорочно тоа не е добро. Не може само државата да вложува во науката. Ако стопанството не вложи, тоа нема да може да опстане. Нашиот пазар е мал. Ако сакаме да бидеме успешни, мора да бараме пошироки пазари. И да инвестираме во наука и технологија којашто ќе биде применлива во денешно време за да имаме раст – заклучи Ташковски.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.