Науката е пријателка, а не Баба Рога

Пишува: М-р Драгана Стикова, директорка на Фондацијата „Кантарот“, раководителка на „Наука за деца“

Умно.мк во соработка со Europe Housе ја почнува рубриката „Надреден знак“ во која секоја последна среда во месецот, интелектуалци од одредена област ќе пишуваат колумна на теми што нè засегаат

„Ако не сте умни, ќе решавате задачи математика!“ Колку од нас како деца ја имаат слушнато оваа реченица?
Науката не смее да биде Баба Рога за плашење деца. Таа е со нас од рана возраст, кога првпат ги откриваме законите на физиката и ги испитуваме нивните граници. Таа е блиска, задева, интригира, скокотка и ветува авантури и можности за истражување. Нè тера да си поставуваме прашања за светот околу нас и не нè остава на мир додека не најдеме одговор. Ни отвора врати кон свет исполнет со чудесни откритија и нè учи како со љубопитност и со креативност можеме да го разбереме светот околу нас. Науката е наша стара познајничка, на која ако ѝ дадеме шанса, ќе ни стане другарка за цел живот. Другарка која ги проширува нашите хоризонти и нè подготвува за иднина полна со непознати можности и предизвици.

Но, како и секој добар пријател, науката некогаш знае да нè изнервира, особено ако не ѝ дадеме шанса да биде достапна, разбирлива и инспиративна. За среќа, не треба многу за да заинтересираме дете за наука, бидејќи таа е насекаде околу нас. Доволно е да влеземе во кујната со нашето дете, па преку готвењето да му покажеме како хемијата создава чуда …. за јадење. И не, не е потребно да знаеме сè … доволно е да му покажеме на нашето дете дека негувањето истражувачки дух е многу важно. Следниот пат кога детето ќе постави прашање за тоа како функционира нешто, да го искористиме тоа како можност за заедничко истражување: ние, другарката-наука и детето.

Веќе неколку години сум дел од неформалното образование кај нас и гледам дека децата тука ги доживуваат научните концепти како апстрактни и тешки за сфаќање, како непријател со кој треба да се борат и да се надмудруваат. Интерактивните методи и практичните демонстрации ја прават науката опиплива и блиска, а ако ги нема, се разорува другарството меѓу децата и науката. Од досегашното искуство со работилници и проекти со деца, најважното што го забележав е дека кога научната работилница е визуелна, забавна и полна со хумор, тоа многу повеќе им останува во сеќавањето на учениците. На овој начин учењето станува подинамично и поинтересно, децата побрзо учат и посмело поставуваат прашања. Во тој момент децата создаваат врска со науката која оди подалеку од учебникот.

Но, што ако оваа љубопитност и талент за наука се загубат поради недоволна поддршка во редовното образование? Еден наставник не може да им посвети доволно внимание на сите ученици и често се случува талентираните деца да останат незабележани или недоволно стимулирани во рамките на традиционалниот образовен систем. За да не се случи ова, на сцената треба да стапи едно друго победничко трио, а тоа е: науката, детето и менторот.

Концептот на менторство еволуира низ годините. Во последно време туторите се доделуваат за да можат учениците да постигнат подобри резултати на училиште. Сепак, „тутор за петка“ е поинаков од ментор што се обидува да го формира начинот на кој размислува детето. Во минатото туторите биле реномирани научници кои работеле со талентирани деца, помагајќи им да ги развијат своите вештини и знаења, пренесувајќи им искуства и длабоки научни познавања. Невронаучникот Ерик Хоел има напишано серија текстови на оваа тема со наслов: „Зошто престанавме да правиме Ајнштајни?“. Во нив тој објаснува дека речиси сите големи умови од Галилео, преку Дарвин до Ајнштајн имале свои индивидуални ментори.

Според Хоел, оваа форма на менторство била темел за создавање на најголемите научни умови во човештвото. Но, со текот на времето, овој пристап се загубил во модерните системи на масовно образование, во кои фокусот е ставен на стандардите и унифицираните методи на учење. Денес, повторното воспоставување таква врска меѓу менторите и младите таленти може да ја создаде новата генерација Ајнштајни.

Нашата фондација „Кантарот“ се инспирира од овие примери и се обидува да го стави менторството во македонски контекст. Токму затоа нашите стипендисти ги поврзавме со ментори, истакнати научници кои работат на реномирани универзитети во светот. Талентираните ученици повеќе од шест месеци работеа со своите ментори за да подготват научни предавања на третата конференција „Наука за деца“. Меѓу децата и научниците се создадоа силни врски и тие уживаа во заедничкото работење. Се надеваме дека овие партнерства ќе продолжат и во иднина.

Сепак, тешко е да се најде индивидуален ментор за секое дете. За среќа, тоа не е единствениот начин на кој можеме да им помогнеме на новите генерации да ја засакаат науката. Секој муабет со научник, секоја научна работилница, секое инспиративно предавање од наставниците отвора нови хоризонти. А кога ќе ги видам децата со ококорени љубопитни очи, полни со ентузијазам да го одгатнат научниот концепт, и кога озгора на тоа, на крајот од работилницата ќе ми кажат: „Јас сакам да се запишам на наука за деца“ … е тогаш ми се полни срцето со милина и верба дека тоа е зачетокот на едно долгогодишно другарување меѓу децата и науката.

Сподели