Научните друштва на средба во МОН: Како да им се помогне на талентираните ученици

Беше разгледувана можноста за брза интервенција и финансиска помош на здруженијата за да може да го остварат учеството на меѓународните олимпијади

Со новиот закон за средно образование ќе се најдат системски решенија за финансирање на учеството на олимпијади, добија ветување друштвата од полето на природно-математичките науки кои вчера се сретнаа со државниот секретар за образование во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска. Обединети од долгогодишниот проблем кој најмногу ги засега талентираните ученици, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ), Сојузот на математичарите на Македонија (СММ), Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) и Македонското билошко друштво (МБД) и десетина дена апелираат дека се непрофитни организиции и немаат пари да ги однесат средношколците на светските натпревари.

– Средбата помина во пријатна атмосфера. Пред сè беше разгледувана можноста за брза интервенција и финансиска помош на здруженијата за да може да го остварат учеството на меѓународните олимпијади – велат од друштвата за Умно.мк.

По претседателските и парламентарните избори во државата, здруженијата на математичари, физичари, хемичари, биолози, географи, информатичари, се најдоа во незавидна состојба кога не беа распишани долгоочекуваните конкурси од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС). Секоја година, АМС распишува конкурс за финансиска помош на учениците кои ќе патуваат на меѓународни научни олимпијади. Дел од здруженијата се најдоа во голем финансиски проблем, особено како резултат на тоа што ветувањата за помош од страна на ТИРЗ не беа реализирани.

Претседателите на научните друштва минатат недела упатија молби за помош до претседателот, премиерот и министерот за образование и наука. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова веднаш одговорила на писмото со заложба да иницира брза средба со надлежните институции. Во телевизиско гостување таа рече дека нема да ја прифати поканата од францускиот претседател Емануел Макрон да присуствува на отворањето на Летните олимписки игри во Париз затоа што нашите талентирани средношколци-олимпијци мака мачат да обезбедат авиобилети да стигнат на научните олимпијади од каде во изминатите години редовно се враќаа со медали за Македонија. Но, освен заложба кај надлежните, претседателката не располага со буџет кој интервентно може да го реши проблемот.

– На средбата во МОН беа разгледани можностите за брза интервенција и обезбедување на средства, за што МОН се обратило со допис и барање директно до Стопанската комора. Оттаму изразиле подготвеност да помогнат, но процесот на барање и одобрување на финансии треба да помине низ телата во рамките на работните организации, за што нема доволно време до заминувањето на тимовите на олимпијадите. Со тоа, здруженијата, повторно се оставени да ги решаваат проблемите самостојно – велат тие.

Според нив, носењето законски решенија е погодно, но досегашната практика покажала дека многу од нив не се почитуваат и е проблематично да се спроведат. Особено пто средствата не може да се префрлаат директно на сметките на здруженијата, а конкурсите се распишуваат доцна (по одржувањето на натпреварите или исплатата на средствата е многу задоцнето). Ова не е решение на проблемот со финансиската стабилност, во однос на сервисирањето на трошоците поврзани со навремено подмирување на котизацијата, обезбедување визи и навремена набавка на авионски билети.

Државниот секретар, се заложи и за средување на доцнењето со исплата на минатогодишните награди за добитниците на медали од меѓународните олимпијади.

– На оваа средба се остварија партнерски и пријателски односи на МОН со друштвата преку поставување взаемна почит и разбирање. Беше договорено, предлозите кои ги имаат друштвата да бидат доставени до МОН и заеднички да се креира политиката за поддршка на талентираните ученици, нивното напредување, учество на натпреварите и финансирање – велат од научните друштва.

Тие излегоа со став дека треба многу да се работи за да се постават работите на здрава основа, и го понудија своето знаење и искуство при носењето на нови правилници, решенија и закони.

На состанокот беа начнати и теми за поддршка на најголемите таленти од нашата држава и начинот како и факултетите да го подобрат својот пристап кон нивното задржување во државата.

Пред пет дена Умно.мк објави текст со жиро сметките на научните друштва каде може да се уплаќаат донации. Има и денарска и девизна сметка. Донирајте!

ДОНИРАЈТЕ! ДА ИМ ПОМОГНЕМЕ НА ЗЛАТНИТЕ ДЕЦА ДА ОСВОЈАТ МЕДАЛИ ЗА МАКЕДОНИЈА!

Сподели