Десетици археолошки локалитети од Прилепско ќе бидат опфатени во тригодишниот проект на Институтот за старословенска култура од Прилеп кој ќе почне годинава. Ќе бидат валоризирани, доистражени и документирани локалитети во Пелагонија, Мариово и во Поречието од 7 до 17 век. Според Бранко Ристески, археолог и директор на Институтот, проектот насловен „Средновековни населби“ треба да даде одговор за артефактите и духовната, материјалната и социо-економската историја на тие простори.
Мултидисциплинарниот проект е еден од научно-истражувачките проекти на јавните научно-истражувачки институции добиени на конкурсот што лани го објави Министерството за образование и наука. Според концепцијата, проектот е поделен во четири етапи: ран среден век (од 7 до 9 век), полн среден век (од 9 до средината на 12 век), третата фаза е од средината на 12, до почетокот на 15 век и ран отомански период (од 15 до 17 век).
Според Ристески, периодизацијата е направена врз основа на археолошките сознанија. Опфатени се три вида населби: градови, урбани и рурални населби и монашки населби и манастири. Има приоритетни локалитети и од втора и трета категорија, а за првпат е вклучена и Хераклеја Линкестис. Вклучени се и: Градиште кај Дебреште, Долнени, Колобаиса на Трескавец, манастирот Зрзе, Марковите Кули, Градок во Мариово, манастирот „Свети Никола“ во Мариово и други. Проектот ќе се финализира со монографија каде ќе бидат документирани сите трудови и артефакти.
Фото: Wikipedia