Научете како се прават мартинки: Манифестацијата „Среќна Баба Марта“ во „Капитол“

Традиционална манифестација „Среќна Баба Марта 2023“ од денеска до 1 март ќе се одржи на вториот кат во трговскиот центар „Капитол“ во скопската населба Аеродром. Комплексниот настан содржи музејска поставка со автентични амајлии од повеќе држави, едукативни панели на неколку јазици, продажна галерија со ракотворби и детско катче во кое ќе се организираат интерактивни креативни детски работилници за правење мартинки. Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“.

– Со оваа 10. по ред манифестација заокружуваме убав мал јубилеј посветен на обичајот Мартинки. За овие десетина години создадовме многу материјал за овој обичај, во рамките на кој спаѓаат и низа илустрирани читанки и боенки за деца и млади на неколку јазици, како и анимирано видео со превод на албански, турски и англиски јазик. Минатата недела ја промовиравме нашата научна публикација „Mапирање на обичајот Мартинки во Скопје и Скопско како вовед во претстојниот настан – вели Василка Димитровска, директорка на „Хаемус“.

Манифестацијата претставува дел од активностите поврзани со традиционалниот украс мартинки, како нематеријално светско културно наследство впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО. „Хаемус“ е правен носител на обичајот Мартинки во УНЕСКО. Како проект којшто покажува исклучителен пример преку кој се визуелизира и интерпретира европското културното наследство, како и за своите заложби да ja спаси оваа традиција од заборав, проектот за „Денот на Баба Марта ја доби наградата за „Најдобра европска приказна за 2020 којашто ја доделуваат Советот на Европа и Европската комисија.

Сподели