Научете да живеете со децата, не за децата!

Во светот на емоциите, секоја боја има своја приказна. Додека некои од нив се светли, топли и радосни, други се длабоки, темни и ладни. Но има една боја, особено важна и моќна, која го разигрува срцето и испишува насмевка на твоето лице – среќата!

Среќата е емоцијата на месец мај, дел од општествено-одговорниот проект на „Халкбанк“, „Емоцијата има своја боја“. Целта на овој проект е поттикнување на емоционалниот развој на децата преку серија содржини со наслов „Емоцијата има своја боја“. Преку овој проект, тие сакаат да ги поддржат родителите и воспитувачите во нивната улога на животни учители, истовремено обезбедувајќи им на децата подобро разбирање на сопствените емоции и нивно препознавање во животот.

Во текот на месецот што го посветуваме на поттикнување на среќата, нашата мисија во „Халкбанк“ е да зборуваме за емоцијата. Се обидуваме да го нагласиме значењето на среќата во односите меѓу родителите и нивните деца, меѓу другарчињата и воопшто меѓу луѓето, за тоа колку среќата го бои животот во најубави бои.
Нашиот стручен соработник, м-р Катерина Димова, специјален едукатор и рехабилитатор, семеен системски советник, го напиша овој текст за да ги поттикне родителите да ги научат децата како да ја препознаваат среќата. Не само како важен аспект на емоционалната интелигенција, туку и како средство за создавање здрава и сочувана социјална средина.

Сите деца се подеднакво важни, без разлика на пол, етничка припадност, типичен или атипичен развој, сите имаат исти права и можности. Инклузивноста значи едноставна работа – да се прифатат сите деца со раширени раце, исто како што они го прифаќаат светот околу нив. Најважно им е да се дружат, да се радуваат, да се смеат, а наше е тоа да им го овозможиме. Имам потреба да им се извинам на сите деца, од името на нас возрасните, за голема жал имаме многу пропусти, сите ние, целиот систем.

Секое дете заслужува да биде среќно и да има безгрижно детство исполнето со љубов и внимание од нивните родители. Нивната среќа многу се разликува од среќата на возрасните и често ни се чини дека на детето му е доволна нова играчка, сладолед или одење во парк. Сепак, ова е само моментална среќа и не е најважното нешто што ги прави среќни. Па што е тогаш? Се прашувам и ми прелетува мислата што за вас се среќни деца?

Емоционална безбедност, љубов, валидизација, поддршка, самостојност на детето се деловите што го дефинираат едно дете среќно.

Кога се среќни за нивниот успех на училиште, да имаат со кого да го споделат и заедно да се радуваат. Кога се тажни и исплашени, да имаат со кого да ги споделат своите емоции, некој кој ги поттикнува да се соочат со своите стравови и проблеми.

Среќно дете е дете кое има некој кој во исто време го поттикнува да учи за светот и во исто време некој што го води на вистинскиот пат. За нив среќата претставува чувство дека не се сами, дека имаат кој да ги поддржи и некој со кој можат да ги споделат своите тајни и пакости.

Среќно дете е дете кое што има слобода во однос на самостојност, ги завршува своите задачи само. Дете кое што има простор да го споделува своето мислење, дете кое што има здрави граници од страна на родителите што се почитуваат.

Среќно дете е дете на кое што му е дозволено, без разлика на полот да покажува емоција на тага. Среќно дете е видено дете, слушнато дете, валидизирано дете.

Како магистер по специјална едукација и рехабилитација, мојата прва љубов е токму детето и често поради тоа знаат да ме прашат дали имам свое дете. Знаете честопати во пракса ми се случува клиентите, а и самото општество да тргнува од тоа дека доколку немаме свое лично искуство, не знаеме да работиме во таа област. Мојот одговор е не, во овој момент не сум реализирана во улога на родител. Тоа не ме прави помалку искусна во однос на работата со нив, нескромно ќе споделам дека за тоа зборуваат успешните приказни на семејствата, секако не би постигнала доколку родителите не ги препознавале советите како валидни и добри за своето дете.

Во секојдневната работа слушам коментари од типот: „Како успеваш да ги почитуваат твоите правила?“

Одговорот на ова прашање се темели на најважните работи во животот на децата, тоа се: безбедност, љубов, прифаќање и охрабрување. Кога овие критериуми ги исполнуваме, тогаш зборуваме за среќно детство.

Внимателно, среќното детство не значи немање дисциплина и преминување во една екстремност на препопустливост. Потребно е да го менуваме уверувањето „сè е можно за него/неа“, што ќе ни се рефлектира во едно несоодветно однесување во групата врсници, непочитување на авторитетите и правилата. Најчесто немањето дисциплина нè носи до тоа  кога ќе порасне, таквата личност да не знае како да се справи на социјално прифатлив начин во средина во која не му се исполнуваат сите желби. Слична е ситуацијата и кога станува збор за родителите што се обидуваат да бидат пријатели со своите деца, бидејќи децата никогаш нема да ги доживеат како авторитет.

Инспирирана од пракса, често забележувам како релацијата партнерство се заборава кога ќе се појави родителството. Од таа причина, запомнете, научете да живеете со децата, не за децата! Сепак, среќно е она дете кога чувствува љубов помеѓу двајцата родители. Во здрава, среќна и стабилна возрасна личност не израснало дете кое што учело за љубовта, туку дете што ја доживеало љубовта.

Сподели