Една целосна стипендија и две полустипендии ќе добијат најдобрите ученици на бесплатниот онлајн натпревар за програмирање во „Скреч“ (Scratch) за деца од 9 до 11 години. Натпреварот го организира „Едуфронт“, а ќе се организира од 1 до 8 јуни со помош на наставници од основните училишта.
– Целта на настанот е преку забавен натпревар за програмирање да се зголеми свесноста за најважната писменост на 21 век – дигиталната писменост кај децата – велат организаторите.

Натпреварот ќе содржи два дела – теоретски, со прашања за познавање на програмскиот јазик, блок наредбите и концепти од програмирањето и практичен дел, самостојна изработка на проект на зададена тема на онлајн-платформата на Scratch. Учеството во натпреварот е бесплатно и сите учесници и нивните ментори ќе добијат електронски сертификати за учество. За тројцата најдобри натпреварувачи ќе следуваат награди: една целосна и две полустипендии за по една обука на „Едуфронт“ за учебната 2022/23 година. Рокот за пријавување е 27 мај.

„Едуфронт“ е едукативен центар за компјутерска технологија посветен на поттикнување и развивање на дигиталните вештини и иновативниот дух кај децата.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.