Натпревар за научна фотографија со парични награди

Од 1 ноември до 15 декември ќе се организира Натпреварот за научна фотографија 2021 (ННФ). Натпреварот е меѓународен и се одржува во рамките на проектите Викимедија. За најдобрите се предвидени четири парични награди – од 400 до 100 евра, за соодветното место.

– Бидејќи „Википедија“ е активна средина, посветена на собирање и споделување на образовни содржини за сечија слободна употреба, натпреварот е одлична подлога за претставување на научната фотографија. Целта е да се поттикне јавноста да прави слики на научна тематика и да ги подигне на Ризницата, збогатувајќи ја со содржини од овој вид и приближувајќи ги луѓето до науката – велат организаторите.

Натпреварот првпат бил организиран во 2011 година, а во 2015 година бил проширен низ цела Европа. Таа година биле добиени 9.793 слики со бесплатна лиценца од повеќе од 2.200 различни учесници. Во 2017 година натпреварот бил проширен во цел свет и биле добиени 9.575 слики благодарение на учеството на 1.928 луѓе. Во Македонија досега било организирано едно издание во 2015 година, под насловот „Европски натпревар за научна фотографија 2015“.

Сликите ќе бидат поделени на седум категории: луѓе во науката, микроскопски слики, нефотографска медија, сетови на слики, див свет и природа, општо и астрономија. Натпреварот ќе се одвива на два степена: на ниво на Македонија (и секоја друга земја-учесничка), а вториот е меѓународен. Победничките дела од Македонија потоа ќе одат меѓународниот натпревар до крајот на јануари 2021 година.

– Невозможно е да се замисли нашата култура без наука. И во визуелниот свет во кој живееме не е доволно да се зборува за наука: потребно е да се визуелизира. Затоа го организираме овој натпревар, да го промовираме создавањето и, пред сè, бесплатната размена на сите видови слики поврзани со науката – велат организаторите.

Повеќе за натпреварот прочитајте ТУКА.

Насловна фотографија: Wikimedia Commons

Сподели