Натпревар во цртање за деца и млади организира канцеларијата на Обединетите нации во нашата земја. Свои дела може да пријават учесници од 6 до 30 години. Напреварот се организира во пресрет на јубилејот, 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права и во пресрет на претстојниот Ден на Обедонетите нации, 24 Октомври.
– Целта на натпреварот е да ја вклучи помладата генерација во застапувањето за човекови права, да ја подигне нивната свест за важноста на заштитата на човековите права и придобивките што овие механизми ги носат за сите – велат организаторите.
Конкурсот трае до 10 октомври. Заинтересираните треба да создадат оригинален цртеж кој ги слави придобивките што ги носат или можат да ги донесат човековите права за секого. Цртежот треба да прикаже некои од придобивките што усвојувањето на човековите права, според Универзалната декларација за човекови права, може да ги има во животот и развојот на секој човек, а фокусот е на тоа како дополнително да се унапредат тие права за доброто на сите.
Секое испратено уметничко дело ќе биде прикажано за време на активностите за одбележување на Денот на ОН на интернет. Кандидатите ќе бидат поделени во шест возрасни групи. Цртежот на победникот ќе биде испечатен како плакати. Ќе биде избран и „најпопуларен“ цртеж, врз основа на добиените лајкови на Фејсбук-страницата на канцеларијата од 11 до 18 октомври.
На Денот на ОН изложбата на 20 цртежи ќе биде организирана во Музејот на современа уметност во Скопје каде ќе бидат прогласени победниците на конкурсот. Сите заинтересирани треба да ја следат Фејсбук страницата на ОН за нашата земја, да го нацртат делото, да го фотографираат (по можност со висок квалитет во .jpg формат), да го испратат преку порака на Фејсбук.
– Наведете го името, презимето и возраста на авторот, краток опис на цртежот и информации за контакт (за лица над 18 години) или информации за контакт на родител/старател (за лица под 18 години) – велат организаторите.
Универзалната декларација за човекови права (УДЧП) е пресвртна точка во историјата на човековите права, донесена од Генералното собрание на Обединетите нации во Париз на 10 декември 1948 година како заеднички стандард на мерење на постигнувањата на сите народи и сите нации. Овој документ за прв пат ги поставува основните човекови права кои треба да бидат универзално заштитени, трасирајќи го патот за усвојување на повеќе од седумдесет договори за човекови права, што денес имаат трајна примена на глобални и регионални нивоа.
Кога зборуваме за човековите права, наша заедничка должност е да се погрижиме ничии права да не се прекршуваат и секој да има шанса да преживее, да напредува и да придонесе за развојот на нашето општество.





