Вториот натпревар од Лигата во прецизно слетување со едрилица ќе се одржи денеска на Спортскиот аеродром „Скопје“ („Стеновец“). Вчера се одржаа тренинг летови, а денеска е главната програма. Свечено отворање на натпреварот е закажано за 10 часот, а натпреварувачките летови ќе се одржат од 11 до 15 часот. Во 17 часот ќе бидат прогласени победниците.
Овој е дел од серијата натпревари што ќе се одржат во пет македонски градови: Штип, Скопје, Куманово, Битола и Прилеп.
– Ќе имате можност да ги следите најдобрите пилоти во акција. Ги покануваме сите љубители на авијацијата и спортските натпревари да присуствуваат на овој возбудлив настан. Да дојдат со семејствата и пријателите и да уживаат во вештините и прецизноста на најдобрите пилоти. Натпреварот е одлична можност за забавен и едукативен ден на отворено – велат организаторите.
Лигата во прецизно слетување со едрилица е нов и возбудлив натпреварувачки формат кој ги привлекува најдобрите пилоти од земјава и пошироко. Лигата се состои од пет натпревари, при што секој натпревар се одржува во различен град. Целта на натпреварот е да се слета едрилицата што е можно поблиску до означената целна точка на полето за слетување.
Поените се доделуваат според близината на првата допирна точка на едрилицата до целната точка. Сите резултати се собираат во вкупна табела, а на крајот од лигата, натпреварувачот или тимот со најмногу поени ќе биде прогласен за победник.