Настинатите и мирисот на цветните градини

Пишува: Трајче Кацаров

Не беше многу одамна кога пред почетокот на премиерните изведби, пред театарот поставувавме човек радар, за пуштање кратки и долги сигнали штом на видикот ќе се појават трите театарски критичарки.
Прв сигналот го примаше директорот. Скокаше од удобната фотеља, ја гасеше штотуку запалената цигара, повлекуваше со чешлето еднаш-два пати по ќелавицата и со чекор на стар мачор тргаше кон централното седиште во првиот ред од партерот за да ја преспие премиерата. Првата проѕевка беше знак дека е известен за удобното сместување на критичарките на осмиот ред и дека часот за одмор може да почне.

Само што ќе се изгасеше светлото во партерот, критичарките ги вадеа тефтерите и на невидено почнуваа со драскањето по листовите кои поради темнината не изгледаа баш бели. По неколку дена дневниот и ревијалниот печат, ќе известеа дека нема вода што ќе ја испере лошата претстава. Имаше и критичари кои не делуваа како елементарна катастрофа.

Нив ги ословувавме со општите родови именки: брате, чиче, тето, стрино и сл. Немаа надигнати носеви и смрштени чела. Постојано беа вооружени со здрави апетити. Правеа чест, остануваа после претставата. Јадејќи го својот дел (и повеќе) од секогаш богатата трпеза, ги изјавуваа, тивко на увце, првичните оценки кои влеваа надеж дека и не брендираната роба може да се окфалификува како чин на вложен човечки напор.

Какви и да беа, сепак создаваа теми поради кои, по примерот на Питер Шефер, се отвораа и затвораа шанковите во театарското бифе.

Во тоа време книжевните критичари не беа ништо повеќе од вработените во некои од подружниците на НАСА. На високопарен јазик, односно со термини од астрономијата, од астрологијата, ги изнесуваа особеностите на писателите. Помалку зборуваа за делата отколку за авторите, зашто од авторите очекуваа повратни ефекти-свесно прифаќање на правилата на играта – „на ти го-дај ми го прстенчето“.

По секоја прочитана рецензија читателите се стекнуваа со впечаток дека книгите, поготво поетските, ги пишуваат суштества во кои сите космички сили си нашле пристан. Што понеразбирливи беа делата на поетите, толку повеќе го потврдуваа квалификативот на критичарите дека се од Марас.

Какви и да беа критичарите, какви и да беа нивните рецензии, сепак правеа ред. Рамномерно ги распоредуваа космичките сили. Не беа малку од поетите што беа за сечење во корен.

Денес после погребувањето и на последниот критичар дојде слободата, селата останаа без кучињата. На творците на уметничките добра, театарџиите, писателите, повеќе не им се потребни космички сили, статуси на непогрешни демијурзи, зашто и како обични, полуграмотни, словат за успешни чинители на духовните добра. Повеќе никој не може да ги сопре, секој книжевен исплувок да го оквалификуваат како духовно добро од непроценлива вредност.

Овде нема место за приговор, зашто и селата без кучиња си имаат цена.

*Насловот е изведен од сентенцата на Чехов каде пишувањето за критичарите има иста смисла како на настинат му е мирисот на цвеќето.

фото: Pixabay

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

 

Сподели